• сабота, 28 декември 2024

Нов објект за 100 деца во рамки на градинката „Орце Николов“

Нов објект за 100 деца во рамки на градинката „Орце Николов“

Скопје, 31 август 2023 (МИА) - За 100 дечиња е зголемен капацитетот на градинката „Орце Николов“, најстарата градинка во државата, која досега во нејзините објекти, згрижуваше околу 350 деца.  Оваа градинка била отворена уште во 1945 година, под името „Први стапки", во првиот скопски реон, како Јавна установа општинска детска градинка Орце Николов - Карпош во Скопје. Таа лани одблежа 77 годишно постоење, а денес на отворањето на уште еден објект, меѓу неколкуте објекти во составот на градинката, присуствуваа и премиерот Димитар Ковачевски и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

- Станува збор за модерна, асеизмичка градба, комплетно енергетски ефикасна, со современ концепт за сместување, згрижување и воспитување во јасли и групи според соодветната возраст на децата. Со занимални што се спојуваат во голем повеќенаменски простор, заедно со ходникот со реквизити, со отворени и споени тераси за заедничка игра на отворено и двор со посебно игралиште, рече Ковачевски. 

Тој изрази благодарност до Светска банка за финансиската поддршка за изградба на овој објект, во вкупна вредност од близу половина милион евра, како дел од проектот за подобрување на социјалните услуги што се спроведува во соработка со Министерството за труд и социјална политика. Тој потсети дека пред неколку дена, во рамките на овој проект, беше отворена градинка во Пробиштип, од вкупно 16 градинки што се градат или доградуваат низ државата, со помош на Светска банка, во вредност од околу 13 милиони евра.

 - Конкретно, ние како Влада, можеме да соопштиме дека за не цели шест години, досега, отворивме 81 објект на предучилишно воспитание и образование и со тоа бројот на опфатени деца во градинките е околу 5.500 деца. Заедно со 12 центри за ран детски развој, со опфат на околу 400 деца, претставува вклучување на околу 5.900 деца во предучилишниот процес и тоа ке продолжи.Сите овие резултати се можни со Влада којашто вистински се грижи за потребите на граѓаните, со фокус на социјалдемократските евредности, којашто е посветена на европските стандарди и на светла иднина, на коишто работи, заедно со демократските партнери и пријатели од меѓународната заедница. А не како во некои претходни, мрачни времиња, за коишто денес сведочат остатоците од скапан стиропор, поставуван како лажен мермер или барок, за милионски суми коишто завршија за лични интереси, рече Ковачевски. 

Нашите деца уште од најмалата возраст, нагласи тој,  заслужуваат да растат и понатаму низ животот да се развиваат, учат и да живеат како нивните врсници во Европа и светот.

- Генерации деца и млади, растеа и растат со овој сон. Денес, со посветена работа и со разумни политики, тој сон го претвораме во реалност. Да ни се развива и понатаму градинката „Орце Николов". Среќен и безгрижен престој на децата во новиот објект, успешна работа на вработените и да се сретнеме повторно за нови остварени успеси за општото добро, порача премиерот. 

При отварањето на новата доградба на градинката, се обрати и министерката Тренчевска. 

- Ми претставува особена чест што денеска заедно го отвораме објектот „Први стапки" на градинката Орце Николов, именуван по првиот објект за предучилишно воспитание во нашата земја. Посебно е задоволството што во најстарата градинка во нашата земја ја продолжуваме и унапредуваме традицијата на предучилишното воспитание со нов современ објект во кој ќе бидат згрижени 100 дечиња од Општина Карпош. Определбата на Владата и Министерството за труд и социјална политика е континуирано зголемување на опфатот на децата во градинките, како дел од процесот на поттикнување на раниот детски развој и секако целиме кон континуирано намалување на листите за чекање во градинките, рече министерката.

Таа додаде дека само преку проектот за подобрување на социјалните услуги што се имплементира со поддршка на Светска банка, се намалени листите за чекање во десет општини, Општина Карпош е единаесетта, а најдоцна до средината на следната година ќе бидат отворени уште пет градинки. Со ова, посочи,  само преку проектот за подобрување на социјалните услуги, ќе се зголеми опфатот на градинките за повеќе од 1.900 деца. 

- Како што веќе знаете, нашата цел како Влада е до 2024 година, опфатот на деца во градинките и во центрите за ран детски развој да го зголемиме за нови 7.500 места и многу сме блиску до нејзино остварување. Но ова се само бројки. Она што е поважно е што денес го означуваме почетокот на работењето на новата градинка, која ќе згрижи дечиња од предшколска возраст, обезбедувајќи им најсовремени услови за раст и развој, нагласи Тренчевска. 

Таа подвлече дека градинката е опремена според највисоките стандарди за поттикнување на учење преку игра, а истото важи и за градбата на објектот. 

- Тоа е само потврда дека социјалната реформа што ја спроведуваме значи проширување на услугите, но истовремено и подигнување на стандардите и примена на најсовремените практики. Конкретно во оваа градинка, за тоа се вложени повеќе од 29 милиони денари. Подигнувањето на стандардите и квалитетот на услугите во градинките оди паралелно со зголемување на бројот на персоналот во градинките и едукација на воспитниот кадар, со што овозможуваме тие да стекнат дополнителни знаења и вештини за најновите светски трендови во оваа сфера. Инаку за оваа градинка веќе се одобрени 12 нови вработувања на стручен и помошно - технички персонал, додаде Тренчевска. 

Таа нагласи дека задоволство е кога се реализираат проекти од голема полза за граѓаните.

 - Проектот што го промовираме денеска е од особена полза за децата и за младите родители од населбата Карпош три, бидејќи ќе овозможи и пристап до квалитетна услуга и ќе ги намали листите на чекање. Тоа се важни придобивки од социјалната реформа што ја спроведува Министерството за труд и социјална политика и во таа насока ќе продолжиме. Среќни сме што на тој пат остваруваме добра соработка со општините, благодарам и на Општина Карпош, а секако и на Светска банка како наш партнер. На децата им посакувам безгрижни денови исполнети со игра и нови знаења, рече министерката. 

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски исто така изрази задоволство од овој проект. Тој се заблагодари до Светска банка и за поддршката од Министерството. 

- Со ова ќе го намалиме притисокот за упис на деца во градинките. Општината се соочува со задоволство, зголемување на број на деца што сакаат да престојуваат во градинка, за разлика од други општини каде се намалува бројот на деца во градинки. Веќе разговаравме со премиерот и министерката за изградба на две нови градинки, рече Јакимовски. бд/аа/

Фото:МИА 

Остани поврзан