• четврток, 26 декември 2024

Нов „Ел-џи“ звучник со дебелина од само 2,5 милиметри

Нов „Ел-џи“ звучник со дебелина од само 2,5 милиметри

Сеул, 22 ноември 2022 (МИА) - По растегливите „ЛЦД“-панели, јужнокорејскиот технолошки гигант „Ел-џи дисплеј“ претстави уште еден новитет. Станува збор за „екстра“ тенок звучник за автомобили, дизајниран така што да биде невидлив по сместувањето во внатрешноста на возилото.

Звучникот, наречен „Тин актјуатор саунд солушн“ (Thin Actuator Sound Solution) е развиен во соработка со засега неименувана „светска аудиокомпанија“ и има за цел да ги замени обичните звучници за автомобилите. Уредот ги нема вообичаените делови како намотки и магнети што се наоѓаат во повеќето звучници, туку користи многу „потенка“ технологија. Вибрациите од плочката и разните материјали овозможуваат „богато, извонредно 3-Д звучно искуство“, велат од компанијата.

Според наводите, димензиите на панелот се 15 цм х 8,9 цм х 2,5 мм, а тежи едвај 40 грама. Ова го ослободува просторот што обично го зафаќаат звучниците, без да се загрози квалитетот на звук во автомобилот. Концептот не е сосем нов, бидејќи претходно се појавија вибрирачки плочки вградени во ОЛЕД-телевизорите на „Сони“ и „Ел-џи“. Сепак, ова е прв звучник за во автомобил. Продажбата ќе почне во првата половина на 2023 година.  си/сд/

Остани поврзан