• четврток, 26 декември 2024

Нов антибиотик што делува против смртоносни супербактерии

Нов антибиотик што делува против смртоносни супербактерии

Базел, 4 јануари 2024 (МИА) - Научниците од фармацевтската компанија „Рош“, со седиште во Базел, Швајцарија, тврдат дека е развиен нов антибиотик - „Зосурабалпин“, што е делотворен против отпорноста на супербактеријата „Acinetobacter baumannii“.

Оваа супербактерија е идентификувана од страна на Светската здравствена организација како итна закана за којашто се потребни нови антибиотици, бидејќи бактеријата брзо се шири во болниците и е отпорна на постоечките лекови. Тимот научници предводен од Мајкл Лобриц и Кенет Бредли, врз основа на проучување на околу 45.000 синтетички пептиди (молекули што досега не биле основа на повеќето антибиотици, а ги има во природата), идентификувале неколку молекули со антибактериска активност. Така е избрана една, што потоа е оптимизирана заради поголема безбедност и делотворност, пренесува порталот „Паис“ (Pais).

Научен напис објавен во списанието „Нејчр“ (Nature), дополнува дека преносниот систем на тн. липополисахариди делува на површината на клетката за да создаде надворешна мембрана како антибиотична заштита.

Лекот што веќе излечил глувци од пневмонија предизвикана од „A. baumannii“, почна да се користи и кај луѓе, се наведува, за да се испита неговата безбедност при лекувањето.

Овие сознанија се полезни и за потрага по нови соединенија насочени кон неутрализирање на опасните бактерии и создавање алатки против нивната отпорност. Тоа, се наведува, е проблем којшто, според некои проценки, може да биде главна причина за смртноста во светот до 2050 година.  си/сд/

Фото: Википедија

Остани поврзан