• вторник, 24 декември 2024

Нов американски напад врз Хутите во Јемен

Нов американски напад врз Хутите во Јемен

Вашингтон, 16 јануари 2024 (МИА) – Американската војска денеска изврши нов напад врз Хутите во Јемен, чија цел беа противбродски балистички ракети, изјавија двајца неименувани американски претставници.

Тоа е најновата воена акција против Хутите поддржани од Иран, како одговор на нивните ракетни напади врз бродови во Црвеното Море. Нападите на Хутите врз бродовите во Црвеното Море продолжија дури и откако претседателот Џо Бајден минатата недела нареди напади врз Хутите за да се намалат нивните воени способности.

Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан на Светскиот економски форум во Давос изјави дека САД се стремат кон деескалација на ситуацијата во Црвеното Море.

- Ние не бараме регионален конфликт, далеку од тоа. Се обидуваме да го запреме ширењето на конфликтот и да создадеме услови за деескалација. Ова е глобален предизвик затоа што виталната артерија на меѓународната трговија се држи во заложништво. Ова е криза на која целиот свет мора да одговори, посочи Саливан.

Според него, продолжувањето на конфликтот не зависи „само од одлуките на коалициските земји“, туку од „поголема група земји, вклучително и оние со влијание во Техеран и другите престолнини на Блискиот Исток“.

Хутите, кои го контролираат поголемиот дел од брегот на Црвеното Море на Јемен, тврдат дека нивните напади врз бродови имаат за цел да ги поддржат Палестинците во војната во Газа.

Хутите исто така најавија дека цели во Црвеното Море ќе бидат и американските и британските бродови и дека ќе продолжат со нападите откако американските и британските сили извршија десетици напади врз радарите и ракетните системи на Хутите минатата недела.

Вчера, силите на Хутите со противбродска балистичка ракета го погодија бродот Гибралтарскиот орел во сопственост на САД. ми/

фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан