Ново издание на „Ѓон“ од Драги Михајловски
- Повторно достапна за читателите е книгата со која Михајловски зазеде високо место во современата македонска книжевност уште на почетокот на последната деценија на минатиот век. Како што оцени критиката, „Ѓон“ е збирка на концентрирани, сублимирани, мајсторски балансирани раскази, што соодветствуваат со светските книжевни корелации, обединувајќи го локалното во еден модернистички ракурс, што по значење и творечки потенцијал е на рамниште со современиот литературен наратив во светот, се наведува во соопштението.
Скопје, 18 февруари 2026 (МИА) - По повод 35-годишнината од своето основање, „Матица македонска“ објави ново издание на збирката раскази „Ѓон“ од Драги Михајловски, со поговор од Раде Силјан.
Изданието е дел од јубилејната едиција со прозни и поетски дела што се сметаат за стожерни во современата македонска книжевност, од автори што оставиле значајна трага во развојот на првата издавачка куќа во самостојна Македонија.
- Повторно достапна за читателите е книгата со која Михајловски зазеде високо место во современата македонска книжевност уште на почетокот на последната деценија на минатиот век. Како што оцени критиката, „Ѓон“ е збирка на концентрирани, сублимирани, мајсторски балансирани раскази, што соодветствуваат со светските книжевни корелации, обединувајќи го локалното во еден модернистички ракурс, што по значење и творечки потенцијал е на рамниште со современиот литературен наратив во светот - се наведува во соопштението од „Матица македонска“.
Се истакнува дека, според Силјан во поговорот на изданието, книгата, иако навидум секојдневна, го обработува необичното, несекојдневното, чудното што барем еднаш сигурно му се случува во животот на секој човек.
- „Ѓон“ припаѓа на жанрот приземјена фантастика и е читана и денеска од сите оние што сакаат да станат писатели во оваа наша Македонија - смета Силјан во поговорот на изданието.
Покрај тоа што содржи критички осврт за „Ѓон“, во поговорот се анализира и вреднува севкупниот книжевен опус на Михајловски.
- Михајловски на творештвото му пристапува автентично и самосвојно, без кокетирање и лажно посредништво. Тој е од оној вид литерати самотници, кои во континуитет се профилираа во творци од висок ранг. Спаѓа во редот на писателите што литературата ја сфаќаат како процес на пресликување на одредени места и судбини, но и како потреба за дополнување, обликување и надградување настани што се случиле во времето минато и во нашиот сегашен миг и простор. Овој автор ја преобликува реалноста на нашето живеење и опстојување. На страниците од неговите дела големите настани се одраз на реални случки, на препознатливи процеси и на секојдневни предизвици, длабоко врежани во меморијата на македонскиот човек. При литературното обликување тој често користеше релевантни факти, херои од нашето минато, но и од нашето секојдневно опкружување, настани што се случиле и што оставиле траги во колективната свест на народот - смета Силјан.
Во соопштението се додава дека во прозата на Михајловски, како што е напоменато во поговорот, се истргнуваат од заборав вистински настани и судбини, на кои авторот им вградува оригинален литературен белег. Со својата бујна фантазија, како што се истакнува, тој пресоздава ликови од едно блиско и возбудливо место.
- Тие се крај нас, во градот под Пелистер, крај Драгор и Курдерес, во Битола. Неговите херои лебдат меѓу гласот на одминатото време и гласот на времето во кое живееме. Тие се неповторливи судбини и одат по работ на замислената реалност и, како по непишано правило, често се соочуваат со заблудата на животните патешествија. Ја прифаќаат живејачката како неповторливо ехо, како далечно сениште и како јасно соочување со спротивностите на времињата минати и времињата сегашни. Благодарејќи на својата дарба и на својата предодреденост за бележење на животните стории и, особено, благодарејќи на големата упорност и стаменост за континуирана белетристичка надградба, Драги Михајловски прерасна во творец со специфична епска зафатнина, заклучил Силјан во завршницата на поговорот. бд/дма/
Фото: „Матица македонска“