• четврток, 26 декември 2024

Ново детско игралиште во Дебар Маало

Ново детско игралиште во Дебар Маало
Скопје, 16 април 2021 (МИА) - Во Дебар Маало во општина Центар денеска беше пуштено ново детско игралиште, составено од два дела, односно заградено кошаркарско игралиште и детско игралиште. Поставен е кош по фиба стандарди со гумирана подлога за зголемена безбедност и несакани повреди кај децата, нови модерни детски реквизити, шаховски табли и нов летниковец. -Жителите на Дебар Маало прв пат ќе добијат нова јавна површина и нова урбана зона за спорт и рекреација. Ова игралиште е доказ за нашата локална политика и сите активности што ги преземеме за креирање на нов, модерен и функционален изглед на детските игралишта на територија на општина Центар, рече градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ на пуштањето во употреба на игралиштето. Тој појасни дека исто така е поставено ново комплетно лед осветлување, нови корпи за отпадоци, корпи за селекција за отпад, нова чешма на три ниво адаптирана за потребите на лицата со посебни потреби и домашните миленичиња и нов паркинг за велосипеди. -Покрај основните параметри за нов изглед на детското игралиште „Славка Недиќ“ преземени се и нови градежни решенија каде воздушната инсталација на уличното осветлување е подземно изведена и извршена е и дислокација на кабелските оператори. Ослободена е јавна површина, а дивото паркиралиште е пренаменето во пешачка врска за поврзување на улиците „Ѓорѓи Пулевски и „Славка Недиќ“. Отстранети се и нелегализираните гаражи за да има подобар проток на возила на улиците „487“ и „Дебарца“, рече Богдановиќ. Вкупната вредност на игралиштето е 8.866.326 денари, средства обезбедени од Буџетот на Општината. Богдановиќ најави дека во наредниот период ќе се градат три нови детски игралишта во населбите Кале, Маџир Маало и Капиштец, а ќе се реконструираат шест нови игралишта на територија на Општината. На отворањето на игралиштето присуствуваше и директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски кој истакна дека се надева оти трендот на изградба на вакви катчиња ќе продолжи и во иднина, не само на територија на Општина Центар, туку и во целата земја. Тој ги повика децата да спортуваат и масовно да ги користат игралиштата, да го развиваат спортскиот дух и своето здравје. сст/ац/

Остани поврзан