• недела, 24 ноември 2024

Ново рочиште за случајот „Плацеви на Водно“

Ново рочиште за случајот „Плацеви на Водно“
Скопје, 30 август 2021 (МИА) – Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска треба да продолжи судењето за случајот „Плацеви на Водно“, во кое првообвинет е пребеганиот поранешен премиер Никола Груевски. Случајот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е обвинителката Лиле Стефанова. Според обвинението, Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“, неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“. На првото рочиште пред судот Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ристо Новачевски, Ненад Јосифовиќ и Ратка Камчева, рекоа дека не се чувствуваат за виновни. Во воведниот говор, обвинителката Стефанова, рече дека за секое дејствие кое е наведено во актот, за секој факт кој го тврдат ќе изведат докази и побара да биде конфискуван целиот имот кој е ставен во обвинителниот акт. Одбраната на обвинетиот Камчев, минатата недела на прес-конференција за медиуми, обвини за скандалозни пропусти во постапката и за, како што рече, реален основ за сомнение дека влијаат на пристрасност на застапникот на обвинението. Неговиот адвокат, Еленко Миланов, нагласи дека во постапката по редоследот на обвинителниот акт неговиот клиент Јордан Камчев е петтообвинет и единственото лице коешто во изминативе пет-шест месеци, се наоѓа во притвор, но дека се уште нема одлука од Кривичниот совет на Основниот кривичен суд на понудената гаранција за тој да се брани од слобода - недвижен имот од нешто над милион и седумстотини илјади евра и готовински парични средства од 200 илјади евра. Според обвинението, обвинетиот Никола Груевски, во периодот од 2006 до 2012 година, присвоил 1,3 милиони евра, како дел од парите што биле давани како донации за финансирање на партијата и не ги прикажал како примени донации. Во обвинението за Груевски се вели дека во средината на 2012, тој дознава дека физички лица кои се иселени од државата преку посредници продаваат земјиште од околу 11.000 квадратни метри на Водно и бара од Мијалков да му помогне да го купи ова земјиште, ама да се прикрие изворот на парите. Мијалков, според обвинението, стапува во контакт со обвинетиот Ненад Јосифовиќ, кој бил сопственик на веќе регистрирана офшор фирма во Белизе и се договорил оваа фирма да биде основач на домашна фирма која ќе биде употребена за да се купи земјиштето. На домашната фирма, управител станува Ристо Новачевски, кум од првиот брак на Груевски. Откако била постигната согласност за купопродажната цена, според обвинението, во повеќе наврати на девизната сметка на скопската фирма, преку сметката на фирмата од Белизе парите се пуштаат во оптек, а Новачевски во својство на управител на фирмата со сопствениците на земјиштето потпишува договор за купопродажба за купување на шума со површина од 11.255 квадратни метри и за тоа плаќа 1,2 милиони евра. Во 2015 година се менува ГУП на Град Скопје, овие парцели се пренаменуваат во градежни, а и уделот на фирмата од Белизе се пренесува на име на Јордан Камчев и неговата мајка, Ратка Камчева, а плацовите се делат на три дела. Освен ова, Груевски, според обвинението, како службено лице со намера да го прикрие имотот со кој се стекнал додека вршел државна функција, а кој ги надминува неговите приходи пријавени во анкетниот лист, дал непотполни податоци за недвижниот имот што го поседува, а фиктивно се водел на обвинетиот Новачевски. Па така, тој во анкетниот лист за имотната состојба не пријавил два стана во Скопје со површина од 38 и од 57 квадратни метри, градежно земјиште во Центар во Скопје со површина од 2.729 квадратни метри и две градежни парцели во Крушево. Екс премиерот Груевски е во бегство во Будимпешта, а Мијалков и Камчев се во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари каде издржуваат мерка притвор. Останатите обвинети, пак, се со полесни мерки на претпазливост. бк/аа/

Остани поврзан