• четврток, 26 декември 2024

Новопронајдената „панк бубачка“ доби научна дефиниција

Новопронајдената „панк бубачка“ доби научна дефиниција

Канбера, 22 март 2024 (МИА) - Во Австралија е откриен и потврден нов род бубачки, којшто некои веќе го нарекуваат „панк бубачка“ поради неговите бушави бели влакна. Австралиската Комонвелтска научно-индустриска истражувачка агенција (КСИРО) го потврди откритието.

Инаку, истражувач од Технолошкиот универзитет во Квинсленд случајно го открил инсектот додека кампувал во декември 2021 година.

- Мислев дека е птичји измет. Оа е уникатно. Нема многу инсекти со такви карактеристики, изјави Џејмс Твид за „Би-би-си“.

Дури кога ентомологот поубаво го разгледал, сфатил дека тоа е нешто сосем ново.

- Инсектот е долг еден сантиметар и е покриен со големи, бушави, бели влакна. Тие се главно прави, поради што суштеството наликува на панкер, вели научникот.

А бидејќи овој вид е сосем различен од другите видови, КСИРО го прогласи за целосно нов род и семејство инсекти, нарекувајќи ги „Екскастра албопилоса“ (Excastra albopilosa). Истражувачите не се сигурни зошто бубачката има влакна, но веруваат дека така еволуирала за да се заштити од грабливци.

Твид смета дека, иако има уште многу неодговорени прашања, ова е многу значајно за науката, и е еден потсетник за зачувување, како за ретките, така и за с уште неоткриените видови на Земјата. си/рп/

Фото: Фејсбук, јавна објава

Остани поврзан