„Новоматик Македонија“ нов спонзор на ФФМ
- Фудбалската федерација на Македонија денеска и официјално доби нов спонзор. Станува збор за компанијата „Новоматик“ со која е потпишан двегодишен договор вреден еден милион евра.

Скопје, 12 март 2025 (МИА) – Фудбалската федерација на Македонија денеска и официјално доби нов спонзор. Станува збор за компанијата „Новоматик“ со која е потпишан двегодишен договор вреден еден милион евра.
Задоволство од меѓусебната идна соработка искажаа претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ и генералниот директор на „Новоматик Македонија“, Александар Симовиќ.
- Новоматик станува партнер и поддржувач на Фудбалската федерација на Македонија и сениорската репрезентација. Горди сме што добиваме партнер кој отсекогаш ги поддржува спортските проекти и компанија со општествена одговорност кон фудбалот пред сè. Ова партнерство е доказ за нашата посветеност, нови можности за нашиот тим и нашите навивачи. ФФМ никогаш во својата историја немала ваков обем на финансиска поддршка. Во нецели два месеца успеавме да привлечеме сериозни компании да бидат значајна поддршка за македонскиот фудбал. Ова е важно не само за федерацијата туку ио за сите клубови, бидејќи ќе можеме повеќе да вложиме во развојот на македонскиот фудбал, подобрување на инфраструктурата, младинските категории, истакна Омерагиќ.
Компанијата „Новоматик Македонија“ е спонзор и на фудбалските екипи Вардар и на Кожув, ракометниот клуб Вардар и кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје Аеродром.
- Нашата посветеност кон спортот, заедницата и младите е од суштинско значење за Новоматик Македонија. Вложувањето во спортски проекти не е само дел од нашата стратегија за корпоративна одговорност, туку и искрена желба да придонесеме за развојот на македонскиот фудбал. Уверени сме дека ова партнерство ќе донесе позитивни резултати и ќе ги мотивира сегашните и идните генерации фудбалери,“ изјави Марија Митевска, претставник на Новоматик Македонија. зс/