• четврток, 26 декември 2024

Новоизбраните судии во Апелациониот суд Скопје дадоа свечена изјава пред Судскиот совет

Новоизбраните судии во Апелациониот суд Скопје дадоа свечена изјава пред Судскиот совет

Скопје, 18 јануари 2024 (МИА) – Новоизбраните судии во Апелациониот суд Скопје дадоа свечена изјава пред Судскиот совет на Република Северна Македонија.

Судскиот совет на седница на 15 ноември ги избра Габриела Гајдова, Александра Ристевска, Весна Димишкова и Осман Шабани за судии од кривична област и Александар Шопов, Ирена Костадинова Ангелова, Наталија Донева и Илир Сулејмани за судии од граѓанската област во Апелациониот суд Скопје.

Ова беше прв избор за второстепен суд спроведен врз основа на методологијата, изработена согласно новиот закон за Судски совет. Сепак, по изборот имаше низа реакции од експертската јавноста, кои реагираа за субјективност и не водење на членовите по конечната ранг листа при изборот, како и за примената на бадентеровиот принцип.  

Судијката Оља Ристова, од Кривичниот суд Скопје, која не беше избрана иако беше треторангирана на конечната ранг листа и доби осум гласа „за" и четири „против", но не го доби потребното мнозинство по Бадентер, каде доби два гласа „за" и три „против", реагираше дека изборот е спроведен без почитување на ранг листата и со прескокнување на повисоко рангираните кандидати без никакво образложение, за што поднесе и тужба пред Врховниот суд.

На огласот за осум позиции во Апелациониот суд имало вкупно 45 кандидати, од кои 21 кандидат за четири судии за граѓанска област и 24 кандидати за четири судии од кривична област.

Седницата за избор на апелациони судии беше во време кога со Судскиот совет претседаваше Сашко Георгиев, кој дојде на местото на Весна Дамева, која беше разрешена од функцијата претседателка на Судски совет во април минатата година, кога нејзиниот заменик Селим Адеми, побара да се гласа за нејзино разрешување. По разрешувањето, таа поднесе тужба до Управниот суд, кој со пресуда во јануари годинава ја поништи одлуката. На седница на Судскиот совет на 3 јануари годинава Сашко Георгиев си поднесе оставка од функцијата, а на претседателското место во Судскиот совет повторно се врати Весна Дамева.

Долгиот временски период (повеќе од две години) потребен на Судскиот совет за избор на судии во повисок суд, беше посочен и во Извештајот на Европската комисија. аа/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан