• среда, 25 декември 2024

Нови поплави во Шпанија, овој пат во Жирона

Нови поплави во Шпанија, овој пат во Жирона

Мадрид, 8 ноември 2024 (МИА) - Шпанија е погодена од нова катастрофа од поплави. Последна беше погодена провинцијата Жирона, а по улиците пловеа автомобили.

На снимките објавени на социјалните мрежи се гледа како беснее поројна вода и носи сè што е на патот, вклучително и повеќе од 30 возила, додека утринава го зафати центарот на каталонскиот град Кадакес.

Жителите се разбудија со нови сцени на пустош, при што властите открија дека вкупно 32 автомобили биле однесени од поплавите.

Последните поплави ја погодија Шпанија нешто повеќе од една недела откако повеќе од 200 луѓе загинаа во Валенсија.

Засега нема информации за жртви во денешните поплави.

Градоначалникот рано утринава потврди дека нема повредени и загинати, а причинета е само материјална штета.

Тој рече дека градските власти имале предупредување од Координативниот центар за операции на Каталонија, но луѓето и покрај тоа ги паркирале своите автомобили, а водата ги однела. мс/

фото: „Х“

Остани поврзан