• среда, 18 декември 2024

Нови пет пациенти позитивни на коронавирусот

Нови пет пациенти позитивни на коронавирусот
Скопје, 16 март 2020 (МИА) - Кај пет лица денеска е потврдено присуство на коронавирусот, а уште две лица се дијагностицирани во лабораторија на Клиниката „Жан Митрев“ и тие дополнително треба да се потврдат во текот на утрешниот ден во лабораторијата во Институтот за јавно здравје. Ова вечерва го истакна министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција во Владата. - Позитивни се четири лица од Дебар и една 54-годишна пациентка од Скопје која беше прегледана на Инфективната клиника која се вратила од Холандија ноќта меѓу 12 и 13 март. Развила симптоми еден ден претходно и денеска се јавила на преглед на Клиниката. Најдени се сите контакти од семејството, таа била во домашна самоизолација, контактирани се членовите на фамилијата, возачот на таксито кој ја возел од аеродром до дома, а во овој момент се контактираат 31 лице кои се вратиле со авионот кој пристигнал од Виена. Таа е со лесна клиничка слика и веќе се хоспитализирана. Со ова бројката на хоспитализирани на Клиниката е 14, рече Филипче. Посочи дека изутрината биле тестирани седум лица, негативни се резултатите на три лица од Дебар кои биле контакт на заболените, на двете лица чии брисеви стигнаа од Центарот за јавно здравје во Штип и едното лице на Инфективната клиника во Скопје. - Попладнето се тестирани уште десет други лица, седум од Дебар, од кои четири со симптоми кои биле во контакт со заболените, тројца кои беа избрани по малку поширока индикација се негативни и тројца други од Центарот за јавно здравје од Прилеп, еден од Инфективната клиника и еден од Инфективното одделение во Градската општа болница „8 Септември“, додаде Филипче. рп/вј/  

Остани поврзан