• петок, 27 декември 2024

Нови научни сознанија за ПИЕ јазик

Нови научни сознанија за ПИЕ јазик

Минхен, 18 септември 2023 (МИА) - Научници од германскиот Институт „Макс Планк“ понудија трета научна теорија за потеклото на индоевропските јазици. Според неа, првите Индоевропејци живееле во подрачјето на јужен Кавказ.

Протоиндоевропскиот (ПИЕ) е јазикот од којшто произлегле словенското семејство јазици (каде што припаѓа и македонскиот јазик), романско-латинското, старогерманското, индоиранското, старокелтското семејство и повеќе други јазици и јазични групи. Оваа група опфаќа околу 46 отсто од населението ширум светот - повеќе од три милијарди луѓе. Индоевропските јазици се убедливо најголемото јазично семејство во светот. Кинеско-тибетскиот е далеку на второто место, со околу 1,3 милијарди говорители.

Но, од каде потекнува ПИЕ? Одговорот на ова прашање е енигма со години. Истражувањето во списанието „Сајенс“ предлага ново можно место на потекло - Мал Кавказ, коешто првенствено се наоѓа во Ерменија, Азербејџан, источна Турција и јужна Грузија.

ПИЕ е веќе изумрен јазик - последниот негов говорител починал пред илјадници години. Ако воопшто имало такви записи, човекот сѐ уште не знае за тоа, па единствениот доказ за постоењето на ПИЕ се трагите што ги оставил во јазиците што потекнуваат од него.

Во поново време, лингвистите го бараат местото на потеклото на ПИЕ во самите јазици-наследници. Користејќи филогенетска анализа, стручњаците реконструираа и ПИЕ-речник. Филогенетиката е проучување на еволутивните односи низ времето, без разлика дали се работи за организми или јазици.

Врз основа на тоа, досега имаше две главни претпоставки. Имено, првата, тн. „степска или курганска хипотеза“ предложува аргументи дека ПИЕ настанал пред околу 6.000 години во Понтско-касписката степа северно од Црното и Каспиското море, во просторот којшто се протега од денешна североисточна Романија преку јужна Украина и југозападна Русија до најзападниот дел на Казахстан. Номадските сточари кои живееле овде ги припитомиле коњите, користејќи ги да се движат на тоа огромно пространство.

А пак, други научници почетоците на ПИЕ ги поставуваат порано и појужно - пред околу 9.000 години во Мала Азија (денешна Турција). Овој полуостров граничи со Црното, Егејското и Средоземното Море. Теоријата говори дека јазикот придонел за ширење на земјоделството, т.е. сѐ почеста поава на седентарниот (седечки, непреселнички) живот во делови од Европа и Азија.

Дали културата Јамна биле првите Индоевропејци?

Кургановата хипотеза е пошироко прифатена од наведените две. Многу од поборниците на ова верување сметаат дека говорителите на ПИЕ, градителите на старата култура Јамна биле еден народ, т.е. една цивилизација. Сепак, спротивставените аргументи и докази од претходните филогенетски анализи спречуваат која било хипотеза целосно да ја отфрли другата.

Затоа, тимот на „Макс Планк“ создаде нова база на податоци од основниот вокабулар од 161 индоевропски јазик, којшто е посеопфатен и поурамнотежен од претходните примери. Користејќи го неодамнешниот напредок во филогенетската анализа, тие беа во можност да проценат дека ПИЕ е стар приближно 8.100 години и дека петте главни гранки се раздвоиле уште пред околу 7.000 години.

Со тезата за седечко-полупреселничкиот начин на живот, новата теорија за ширењето на индоевропското влијание, оваа „малокавкаска хипотеза“ предлага решение за енигмата што ги оптоварува проучувањата околу 200 години.

- Покрај прецизната проценка на времето за целото „јазично дрво“, топологијата и редоследот на разгранување се најважни за усогласувањето на клучните археолошки настани и менување на моделите на предците, видени во податоците од древниот човечки геном. Ова е голем чекор напред од заемно исклучувачките, претходни сценарија, кон поверодостојниот модел кој ги интегрира археолошките, антрополошките и генетските наоди, вели Волфганг Хаак од Катедрата за археогенетика на Институтот за еволутивна антропологија.

Резултатите од новите истражувања говорат дека прататковината на ПИЕ е во Кавказ, при што една група се одвоила на север во степата. Таму, Индоевропејците основале своја „втора татковина“, од каде што ПИЕ навлегол во Европа, почнувајќи од околу 3000 година п.н.е., благодарение на културата Јамна и последователните проширувања кон запад и југозапад.  си/

Фото: Википедија

Остани поврзан