Нови меѓународни награди за членови на ДЛС „Свети Кирил и Методиј“-Битола
- Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ Битола информира за нови меѓународни награди и признанија кои во Романија и Бугарија ги освоија ученици, членови на студиото.
Битола, 3 март 2026 (МИА) - Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ Битола информира за нови меѓународни награди и признанија кои во Романија и Бугарија ги освоија ученици, членови на студиото.
На светскиот детски ликовен конкурс што го организира и одржа Музејот на Град Голести во Романија, битолчани освоија бронзен медал, а на светскиот младински ликовен конкурс во бугарскиот град Нова Загора, членовите на студиото освоија четири одличја.
На 15. издание на светскиот детски ликовен конкурс во Голести организиран од Министерството за култура на Романија, оваа година учествуваа над 35 земји кои формираа фонд од над 5.000 цртежи. Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј” Битола учествуваше со 15 цртежи на тема „Приказните со кои растевме и сме опкружени во нашето секојдневие” a меѓународната жири комисија со бронзен медал – трето место во возрасната категорија од 12 до 15 години ја награди Бојана Стефановска.
На 27. издание на светската детска ликовна изложба по конкурс „Светски младински ликовен конкурс” од Нова Загора – Бугарија, проект поддржан од Министерството за образование, оваа година учествуваа 35 земји кои генерираа фонд од 2.795 детски цртежи. Наградени ученици кои твореа на слободна тема се 4 членови на Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј” Битола и тоа Миа Мицевска, Ангела Бошевска, Андреј Миленковски и Софија Настовска.
Во ДЛС „Свети Кирил и Методиј“-Битола во овој период од годината очекуваат резултати од уште 20 меѓународни конкурси а се подготвуваат и за 30 нови меѓународни учества.мт/вј/
Фото: МИА