• петок, 27 декември 2024

Нови кадровски зајакнувања на Природно-математичкиот факултет

Нови кадровски зајакнувања на Природно-математичкиот факултет
Скопје, 4 јануари 2021 (МИА) - На Природно-математичкиот факултет потребни им се научници кои од студенти ќе станат дел од академскиот свет. Токму затоа, заедно со Министерството за финансии и премиерот Зоран Заев успеавме да обезбедиме согласност да остварат вработувања, но и понатаму да вложуваат, затоа што науката мора да се развива, рече денеска министерката за образование и наука, Мила Царовска. Таа на денешната посета на Ботаничката градина при Природно-математичкиот факултет потенцираше дека е импресивно со колку мали ресурси овие професори создаваат многу, поточно, создаваат наука. Додаде дека како Министерство, за годинава обезбедиле буџет со 12 отсто повеќе финансиски средства за наука. -Со години имавме застој во вложувањата и во човечкиот потенцијал кој што треба да создава наука, но и финансиски инвестиции за да може да се учествува и на меѓународни и на домашни научни проекти. Токму затоа, како Министерство за во 2021 година од овој буџет кој што стартува сега има 12 проценти повеќе финансиски средства за наука, но сега сме во процес на утврдување критериуми кои центри  ќе бидат изберени да се инвестира во нив и кои национални проекти и кои критериуми за национални проекти би требало да се изберат за да може да инвестираме во наредната година, секако и да започнеме нов системски пристап кон инвестиции во наука затоа што тие ни се значајни, рече министерката. Посочи дека како Министерство за образование и наука се насочени кон реформа во основното образование, но никако не ја забораваат науката и високото образование кои, како што рече, се значајни да создаваат потенцијал и кадар кој што би дал прилог и во основното образование. Деканот на Природно-математичкиот факултет, Валентин Мирчески посочи дека е задоволен што после толку години имаат респектибилен и респонзивен однос со Министерството за образование и наука. Според него, конечно разбрана е потребата од кадровско зајакнување на факултетот, и после толку години отсуство на вработувања на академски кадар, на технички кадар од Министерството, конечно добиле серија  вработувања. -Сметаме дека таа соработка ќе продолжи и оваа година почнавме важна дебата и во контекст на состојбата со научно истражувачки сектор со финансирањето на науката, и се надевам дека и во тој сектор ќе имаме навистина квалитативно поместување нанапред, дека конечно ќе видиме активни програми кои ќе ја поддржат научно-истражувачката работа во нашата земја, рече деканот.бт/лв/    

Остани поврзан