• петок, 22 ноември 2024

Нови инциденти на грчкиот остров Лезбос

Нови инциденти на грчкиот остров Лезбос
  Атина, 26 февруари 2020 (МИА) - Инцидентите меѓу полицијата и локалното население на Лезбос продолжија и вечерва во близина на касарната на островот, а во исто време, портпаролот на грчката влада Стелиос Пецас најави дека од утре дел од специјалците ќе се повлечат од островите, додека пак Мицотакис ќе се сретне со локалните власти од островите, јави дописничката на МИА од Атина. Инцидентите од местото предвидено за изградба на затворениот центар за бегалци и мигранти на Лезбос, вечерва се префрлија во околината на касарната, каде што се засолнаа специјалните полициски единици. Граѓаните, според локалните медиуми, ја скршиле влезната порта, запалиле огнови и предизвикале инциденти. Портпаролот на грчката влада Стелиос Пецас во интервју за ТВ „Алфа“ најави дека од утре дел од полициските сили на Лезбос и Хиос ќе се повлечат, односно оние кои беа испратени за засилување на полицајците што се на островите, бидејќи завршува првата фаза од владиниот план за изградба на затворените центри. Паралелно, утре попладне, во премиерската палата во Атина, Кирјакос Мицотакис ќе се сретне со префектот на северниот дел од Егејското Море и со градоначалниците на островите во обиде да се намали тензијата што постои во изминатите денови. ср/

Остани поврзан