• среда, 25 декември 2024

Нови измами преку уреди за фишинг на кодови за авторизација за превземање на платежните сметки на граѓаните

Нови измами преку уреди за фишинг на кодови за авторизација за превземање на платежните сметки на граѓаните

Скопје, 16 септември 2024 (МИА) - Народната банка предупредува на шема на нов и многу опасен начин на „фишинг“, каде со внесување на податоци од платежната картичка и доставен ОТП код за авторизација, се превземаат платежните сметки на клиентите од страна на измамници и ги повикува граѓаните на поголема внимателност.

Од Народната банка појаснуваат дека до граѓаните пристигнува фишинг порака (СМС, е-маил), во која се наведува на итност за исплата, испорака на пакет и слично и се дава врска на која треба да се уплати. 

Од Банката додаваат дека измамениот е пренасочен кон „злонамерна“ веб-страна, на која внесува име и презиме, адреса, сериски бр.на картичка, дата на важност и CVV код од картичката. Измамникот ги користи овие информации за почеток на постапка за отворање на Google Pay паричник.

- Со започнатата постапка на измамникот за отворање на Google Pay паричник, Банката на измамениот му испраќа ОТП код за автентикација кој е со намена за дигитализација на платежна картичка, кој измамениот мислејќи дека му е потребен за завршување на платежната трансакција го внесува на „злонамерната“ веб-страна. Измамникот со добиениот ОТП код ја завршува регистрацијата на Google Pay и оттогаш располага со средства на сметката на измамениот, се вели во објавата на Народната банка на Фејсбук.

Од Народната банка бараат граѓаните да се информираат и да бидат внимателни за постојни измами, преку „фишинг“, како и редовно да ги следат насоките и информациите доставени од банките.

-Внимателно прочитајте го текстот за намената на ОТП кодот кој ви е доставен. Доколку ОТП кодот е доставен со намена да се изврши дигитализација на вашата платежна картичка, а вие тоа не сте го побарале, прекинете со активноста и веднаш контактирајте ја банката, велат од банката.

Додаваат дека граѓаните треба да направат прилагодување на лимитите за плаќање со нивните  платежни картички согласно нивната вообичаена потреба и редовно да ги следат сметки за соминителни активности. сст/бак/

Фото: Фејсбук на Народна банка

 

Остани поврзан