• сабота, 28 декември 2024

Нови дрвореди на влезот во Кочани

Нови дрвореди на влезот во Кочани
Кочани, 21 април 2021 (МИА) – Сообраќајниот влез од западната страна на Кочани денеска доби нови дрвореди во заедничка акција за озеленување што ја реализираа Локалната самоуправа и компанијата „Синохидро корпорејшн лимитед“ – Пекинг, подружница Скопје. На потегот од крстосницата на улиците „Димитар Влахов“ и „Павлина Велјанова“, во два реда се засадени садници од видот дуглазија, како природна, зелена заштита на станбените објекти коишто се во непосредна близина на фреквентната сообраќајница. - Изминатов период, при градбата на експресниот пат Штип - Кочани, односно поради проширување на делницата, неопходно беше отстранувањето на повеќе стебла, поради што со изведувачот на градежните работи се договоривме да направиме нивна компензација. Заеднички обезбедивме над 200 млади стеба за да бидат засадени на погодни локации и да ја надоместиме изгубената зелена дрвна маса. Сметам дека ова ќе придонесе за подобрување на целокупниот амбиент во урбаното подрачје и за заштита на животната средина, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев. Паралелно со западниот сообраќаен влез, озеленети се и површините околу двете бензински пумпи, каде е засаден чемпрес. Претходно, стеблата што беа отстранети поради изградбата на експресниот пат, екипи на комуналното претпријатие „Водовод“ ги презасадија во кругот на модуларната ковид-болница во Кочани. та/цр

Остани поврзан