• среда, 25 декември 2024

Нови дневни центри за деца со попреченост во Карпош и Тетово

Нови дневни центри за деца со попреченост во Карпош и Тетово
Скопје, 6 август 2021 (МИА) - Два нови центри за деца со попреченост ќе се отворат во општините Карпош и Тетово, а во Гази Баба се воспоставува советувалиште за семејства во ризик, информираат од Министерството за труд и социјална политика. - Министерството за труд и социјална политика склучи договори за соработка со општините Гази Баба, Карпош и Тетово, кои предвидуваат отворање на два нови дневни центри за деца со попреченост, како и советувалиште за деца и семејства во ризик и за деца со попреченост. Соработката ќе се одвива во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика со поддршка на Светска Банка. Со ова бројот на општини во кои се нудат социјални услуги финансирани во рамки на проектот се проширува на 26, а бројот на корисници се зголемува на над 1040 корисници, се наведува во соопштението од Министерството. Од таму информираат дека во Општина Карпош 32 деца со попреченост, од кои 16 на возраст од 2 до 5 години и 16 на возраст од 6 до 10 години ќе имаат можност да престојуваат во Дневниот престој на деца со попреченост, каде давател на услугата ќе биде македонското Монтесори здружение. - Преку примена на Монтесори методот и современите терапевтски техники ќе биде обезбедена стручна помош и поддршка преку индивидуален  и групен третман и психо-социјална поддршка за децата и нивните семејства. Тоа подразбира интензивна поддршка врз индивидуалните потреби на детето, соопштуваат од Министерството. Во Општината Гази Баба давател на услугата „советување“ ќе биде СОС „Детско село“, а ќе бидат опфатени 80 членови на семејства во социјален ризик. Стручните тимови ќе работат на подобрување на социјалните и комуникациските вештини на децата помеѓу врсниците, нивната самодоверба и самопочит, препознавање на чувствата и техники на справување. Како што соопштуваат од МТСП за да се намалат конфликтите и насилството во семејствата давателите на услугите ќе работат и на подобрување на родителските вештини и на комуникацијата меѓу членовите на семејствата, се со цел  зајакнување на семејствата во социјален ризик. Додека пак, во Општина Тетово исто така, ќе се формира дневен престој за лица со попреченост, во кој ќе имаат можност да престојуваат 30 деца со попреченост. Давател на оваа услуга ќе биде НВО „ИМАГО ПЛУС“. Стручен тим составен од специјален рехабилитатор и едукатор, логопед, психолог, социјален работник и физиотерапевт ќе  ја обезбедува услугата индивидуален и групен третман, според претходна проценка на потребите на децата со попреченост. Рокот за спроведување на проектите е 18 месеци, од кои пет месеци за воспоставување и 12 месеци за испорака на услугата. Министерството за труд и социјална политика наскоро ќе објави нов јавен повик за дополнителни проекти за општините кои не успеале да аплицираат на првиот повик, за што во изминатиот период  континуирано се прави мапирање на потребите на граѓаните. свс/сп/

Остани поврзан