• недела, 24 ноември 2024

Новите рестриктивни мерки во Британија наидоа на силни реакции во јавноста и деловните кругови

Новите рестриктивни мерки во Британија наидоа на силни реакции во јавноста и деловните кругови
Лондон, 22 септември 2020 (МИА) - Новите рестриктивни мерки што ги најави британскиот  премиер Борис Џонсон во борбата против коронавирусот наидоа на силни реакции во јавноста и деловните кругови во Британија, а опозициските лабуристи бараат појаснување на предлозите за користење на армијата за поддршка на полицијата како дел од новите рестриктивни мерки за борба против вирусот. Џонсон синоќа, претставувајќи ги новите мерки кои можат да останат на сила во земјата шест месеци, предупреди дека Велика Британија стигнала до опасна пресвртница во борбата против коронавирусот. Тој исто така најави можна вклученост на војската во поддршката за спроведување и контрола на мерките за борба против ширењето на вирусот. Џонсон ги повика граѓаните да работат од дома, ако е можно, а од четврток, баровите и рестораните ќе мора да се затворат во 22 часот, а гостите да се служат само на маси. Критичарите веднаш потсетија дека Владата не толку одамна ги повика сите да се вратат на работа и да ја придвижат економијата. Портпаролот на Џонсон објасни дека ангажманот на армијата би значел дека таа исполнува одредени задачи, како што е заштита на некои објекти, така што полицијата може да се посвети на спроведувањето на мерките против Ковид 19, пренесува Скај Њуз. - Армијата не добива дополнителни овластувања ниту ја менува полицијата и нема да изрекува казни, рече тој. Освен од политичките противници, критиките кон Џонсон доаѓаа и од други страни, пред се од деловниот сектор. Сепак, свесен за можни критики, Џонсон одговори однапред на сите кои стравуваат дека ограничувањата ќе и наштетат на економијата. - На оние кои велат дека не ни треба ова и дека треба да ги оставиме луѓето на сопствен ризик, велам дека ризикот не е само наш. Трагичната реалност на Ковид е дека ваша блага настинка може да значи нечија смрт, рече Џонсон. Во врска со мерките се огласи и лидерот на партијата Брегзит, Најџел Фараж. - Премиерот вели дека ние сме земја што ја сака слободата, но тој ќе ве казни со 10.000 фунти и ако сака ќе испрати војска. Тоа е авторитарно, напиша Фараж на Твитер. паг/  

Остани поврзан