• сабота, 23 ноември 2024

Новите европратеници почнаа со работа, кандидатите за претседател на ЕП ги изнесоа своите ставови

Новите европратеници почнаа со работа, кандидатите за претседател на ЕП ги изнесоа своите ставови

Стразбур, 16 јули 2024 (МИА) - Новоизбраните европратеници денеска почнаа со работа во Стразбур - прва точка на дневниот ред е изборот на нов претседател на Европскиот парламент. За функцијата има двајца кандидати - актуелната претседателка Роберта Мецола (Европска народна партија) и Ирене Монтеро (Левица).

Во својот говор пред гласањето, Мецола се изјасни за поголема моќ на ЕП, дека ќе се бори против злоупотребите во институцијата и да ја поддржи Украина. „Европа е место на помирување, еднаквост, слобода, демократија, можности, владеење на правото и напредок“, рече таа.

 

„Европа ни дава можност да сонуваме за иднина со неограничени можности“, додаде Мецола.

Таа посочи дека ЕП треба да го премости јазот помеѓу она што го прави ЕУ и она што луѓето го очекуваат. Мецола вети дека ќе се бори за правото на ЕП на законодавна иницијатива и додаде дека европратениците треба да можат да ги отфрлат законите со кои не се согласуваат.

„ЕП мора да се зајакне, искрено и отворено, инсистираше таа. Нема да бегам од тешки одлуки“, додаде Мецола.

Ирене Монтеро зборуваше за мир во Европа и предложи ЕУ да воведе санкции за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, како што тоа го направи против рускиот претседател Владимир Путин, кого таа го нарече „злосторник“.

Монтеро рече дека нејзината кандидатура е во одбрана на мирот во Европа и правата на работниците. Според неа, „наметнат е воен консензус“ во ЕУ и војната во Украина е резултат на воените цели на САД.

„Војните секогаш водат до страдање за луѓето, денес многумина не можат да ги покријат своите трошоци, а ограничувањата на буџетските трошоци се враќаат, мирот е најважното нешто за Европа“, додаде таа.

Европа треба да ги поддржи синдикатите и повеќе права за работниците, милитаризирањето на Европа ќе го влоши енергетскиот проблем.

„Сакаме Европа да не биде расистичка, миграциската политика не може да зависи од состојбата на пазарот на трудот“, истакна Монтеро.

Таа инсистираше на тоа дека случаите како „Катаргејт“ - истрага која откри корупција меѓу европратениците во интерес на Мароко и Катар - не треба да се повторуваат.

По говорите на Мецола и Монтеро, почна гласањето, а новиот претседател на ЕП ќе биде објавен подоцна денеска. паг/

Фото: ЕПА
 
 
 

 

 

Остани поврзан