• петок, 27 декември 2024

Новиот ребаланс на Буџетот по втор пат не доби потребна поддршка од каменичките советници

Новиот ребаланс на Буџетот по втор пат не доби потребна поддршка од каменичките советници
Македонска Каменица, 23 септември 2022 (МИА) - Новиот ребаланс на буџетот на Општина Македонска Каменица, по втор пат не ја доби потребната поддршка од каменичките советници.
Во врска со ова, градоначалникот на Општина Македонска Каменица Димче Атанасовски излезе со ново соопштение за јавноста во кое потенцира дека неизгласувањето на ребалансот на Буџетот ќе предизвика низа проблеми кои граѓаните допрва ќе ги почувствуваат.
- Веќе од октомври, околу четириесет луѓе ангажирани преку приватни агенции за вработување во ЈП „Камена Река", КИЦ „Романса" и Општина Македонска Каменица, како и лица ангажирани преку „Програма за јавни работи" ќе останат без своите работни места, односно без основна егзистенција во услови на тешка економска и енергетска криза. Во образовните институции, покрај тоа што нема да има зголемување на платите на вработените, ќе се појават редица проблеми во набавка на нафта за затоплување, проблеми со превоз на учениците до училиштата и до нивните домови, набавка на потребни материјали за спроведување на образовниот процес, нагласи Атанасовски.
Посочи дека поради ненавремено подмирување на обврските, цела општина ќе остане без јавно осветлување, а електричната енергија ќе биде прекината и во „Куќата на спортот" и општинската зграда.
- Тоа практично значи дека нема да функционираат и канцелариите на подрачните министерства,
општинската администрација и ТППЕ Македонска Каменица последиците од непринципиелното однесување на независните советници и советниците од СДСМ ќе го почуствуваат веднаш, односно не постои можност за исплата на септемвриската плата, поради неможноста за користење на дотации за пожарникарите. Функционирањето на администрацијата ќе биде доведено во прашање и поради неможноста за навремено подмирување на обврските за интернет, мобилни услуги, горива и електрична енергија, додаде каменичкиот градоначалник. Независните советници и советниците на СДСМ кои не гласаа за ребалансот на Буџетот, како што рече Атанасовски, го довеле во прашање и опстанокот на спортските клубови за кои со ребаланс предвидени се дополнителни 2,5 милиони денари. Средства според него ќе нема ни за НВО, за голем дел социјални трансфери и трансфери кон ученици и студенти. Според Атанасовски, многу веројатно е дека на одреден временски период ќе биде блокирана реализацијата на клучните проекти за оваа година - Спортски комплекс и Осветлување на кеј. - Нашите пресметки се дека поради извршни решенија за доспеани, а неисплатени обврски, непотребно од општинскиот буџет ќе се одлеат околу 4,5 милиони денари. Овие средства ќе беа сосема доволни да не изгубиме ниту едно работно место. Неносењето на ребалансот на буџетот ќе не доведе во многу непријатна ситуација, но јас Ве уверувам дека ние нема да бидеме жртви на притисоци и уцени, дека и ова ќе го пребродиме, дека и покрај сите кочници ќе реализираме рекорден број проекти, дека комплетно ќе го модернизираме градскиот лик, дека ќе создадеме ред во Општината и дека секое дадено ветување ќе биде исполнето, посочи Атанасовски во своето соопштение до јавноста по повод неизгласувањето на буџетот. За ребалансот на буџетот гласаа четири советници од ВМРО-ДПМНЕ, додека останатите четири советници од СДСМ и двајца независни советници не се изјаснија позитивно по предлог одлуката за усвојувањр на предложениот ребаланс на Буџетот на Општина Македонска Каменица.вс/фф/

Остани поврзан