• среда, 25 декември 2024

Новиот лидер на Хезболах, Наим Касем , најави продолжување на стратегијата на претходникот Насрала

Новиот лидер на Хезболах, Наим Касем , најави продолжување на стратегијата на претходникот Насрала

Бејрут, 30 октомври 2024 (МИА) - Новиот лидер на либанското движење Хезболах, Наим Касем, денеска изјави дека ќе се држи до стратегијата на неговиот претходник Хасан Насрала, кој беше убиен во септември во израелски воздушен напад врз периферијата на Бејрут, по што конфликтот ескалира.

-Мојата програма за работа е продолжение на програмата за работа на нашиот лидер Сајед Хасан Насрала, објави Касем во својот прв говор откако во вторникот беше објавено дека е назначен за нов лидер на Хезболах, пренесоа француските медиуми.

Касем вети дека ќе го продолжи „воениот план што Насрала го подготви со раководството“ на оваа проиранска шиитска организација.

Тој рече и дека Хезболах се опоравува по „болните“ израелски напади.

Новиот лидер на Хезболах е заменик-шеф на организацијата уште од 1991 година. Тој беше инсталиран од тогашниот генерален секретар на Хезболах, Абас ал-Мусави, кој следната година беше убиен во напад на израелски хеликоптер.

Касем остана на позицијата кога Насрала стана лидер и долго време беше водечки портпарол и даваше интервјуа за странски медиуми дури и за време на прекуграничните непријателства со Израел во изминатата година. Во Либан на него гледаат на човек кому му недостасува харизмата и важноста на Насрала.

Израел му се закани на Касем дека ќе биде на чело на Хезболах „привремено“, „не долго“ и дека „одбројувањето започна“.сд/

фото: МИА архива

Остани поврзан