• петок, 27 декември 2024

Новиот амбасадор на ЕУ Михалис Рокас пристигна во Скопје

Новиот амбасадор на ЕУ Михалис Рокас пристигна во Скопје

Скопје, 3 септември 2024 (МИА) - Делегацијата на ЕУ во Скопје објави дека новиот евроамбасадор, грчкиот дипломат Михалис Рокас денеска пристигнал во земјава.

-Денес посакуваме добредојде на новиот Амбасадор на ЕУ во Северна Македонија, Михалис Рокас, стои на фејсбук профилот на Делегацијата на ЕУ.

Рокас доаѓа на местото на евроамбасадорот Дејвид Гир.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел во април, годинава официјално го номинираше Рокас за нов амбасадор на Европската Унија во Северна Македонија.

Рокас пред да биде назначен во земјава, беше шеф на Делегацијата на ЕУ во Малезија, должност на која се наоѓаше од декември 2020 година.

Тој има 30-годишно искуство во областа на надворешните работи, приклучувајќи се на Генералниот директорат за надворешни односи на Европската комисија во 1994 година. Бил вршител на работите на ЕУ и шеф на Делегацијата во Нов Зеланд, раководител на Одделот за поддршка на делегациите при Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).

Рокас е роден во септември 1964 година во Атина. Има диплома по економија и постдипломски студии по европска економија. Покрај мајчиниот грчки јазик, зборува и англиски, француски и германски. вг/лв/

Фото: Делегација на ЕУ

Остани поврзан