• четврток, 26 декември 2024

Новинарот Киро Герасимов и компанијата Амфенол ги добија наградите за животно дело и за значајни остварувања на Општина Кочани

Новинарот Киро Герасимов и компанијата Амфенол ги добија наградите за животно дело и за значајни остварувања на Општина Кочани
Кочани, 8 септември 2022 (МИА) – Советот на Општина Кочани синоќа ја одржа свечената седница по повод 7 Септември – Денот на ослободувањето на градот, на која беа доделени општинските награди и признанија. Годинава наградата за животно дело постхумно му беше доделена на новинарот Киро Герасимов, а компанијата Амфенол Технолоџи Македонија ја доби наградата за значајни остварувања во развојот на општина Кочани. -Киро Герасимов беше новинар, поет, публицист и преведувач кој остави видливи траги во претставувањето на Кочани и пошироко. Во својата долгогодишна новинарска кариера, како дописник вработен во Македонската радио-телевизија, зад себе остави стотици репортажи, документарни емисии, текстови и осврти поврзани со општината и државата, за што ја добил и годишната награда за новинарство на матичната куќа. Компанијата Амфенол Технолоџи Македонија од визија до реалност, од ентузијазам и посветеност до стопански гигант, од 2013 година со само петнаесетина вработени, денес брои над 2.600 работници, со планови за идно зголемување. Врвниот професионализам, континуираното вложување во стручен кадар, работењето според светски стандарди и со најсовремена технологија, ја донесоа компанијата во врвот на светската бизнис мапа, истакна во образложенијата за наградите, претседателката на општинскиот Одбор за доделување награди, Кристина Атанасова Арсова. Во рамки на свечената седница по повод празникот, поздравно обраќање имаше и градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, кој се осврна на проектите што се реализирани во периодот во кој новата локална власт управува со развојот на општината, при што во најголем дел се задржа на проектите во комуналната инфраструктура. Благодарници од Општина Кочани добија членовите на Доброволното противпожарно друштво од Кочани, за посветеноста во работењето и хуманоста во изминатиот едногодишен период, како и 99-годишниот Павле Никола Стојков од селото Кучичино, единствениот преживеан борец од Втората светска војна кој учестувал во борбите за ослободување на Кочани. та/мд/

Остани поврзан