• сабота, 23 ноември 2024

Нова технологија ќе се тестира во германската Бундеслига

Нова технологија ќе се тестира во германската Бундеслига

Минхен, 24 јули 2024 (МИА) - Нова технологија ќе се тестира во германската Бундеслига, соопшти фудбалскиот сојуз на таа земја.

Чип во топката предизвика големо внимание на Европското првенство, а од оваа технологија профитираше и германската репрезентација. Новата техника, позната и како „Бал-ЕКГ“, сега ќе биде тестирана од Германската фудбалска лига (ДФЛ).

Сепак, Бундеслигата ќе мора да биде трпелива. Технологијата, која се користеше на Европското првенство, ќе се користи во германскиот Суперкуп помеѓу двојниот освојувач на круната Баер Леверкузен и второпласираниот ВфБ Штутгарт. Натпреварот во Леверкузен ќе се одигра на 17 август годинава.

На Европското првенство чипот предизвика бројни реакции. Композицијата, која ги препознава и најслабите допири на топката, е визуелизирана со графика која потсетува на електрокардиограм - оттука и името „Бал-ЕКГ“.

Воведувањето на оваа технологија во Бундеслигата, сепак, ќе мора да почека. Доколку тестот во Суперкупот биде успешен, технологијата ќе се користи во лигата најрано во сезоната 2025/26.

Од друга страна, правилото за приговор (само капитенот смее да му приговара на судијата) е воведено во сите германски фудбалски лиги.

Правилото важи за трите професионални машки лиги, женската Бундес лига, сите аматерски лиги, сите купови и младински лиги.

Целта е да се спречат групните приговори и да се овозможи побрзо продолжување на играта, што се покажа како многу ефикасно на ЕП. дс

Фото: ДФЛ

Остани поврзан