• среда, 25 декември 2024

Нова постројка и опрема за полнење вино во стаклена амбалажа во ,,Тиквеш"

Нова постројка и опрема за полнење вино во стаклена амбалажа во ,,Тиквеш

Кавадарци, 24 јуни 2024 (МИА) - Нова постројка и опрема за полнење вино во стаклена амбалажа, беа пуштени во употреба попладнево во винарската визба „Тиквеш". Автоматската линија за полнење има капацитет од 12.000 шишиња на час и треба да придонесе за зголемување на ефикасноста и брзината при испораката на вино до купувачите. Инвестицијата е над 4.2 милиони евра, голем процент обезбедени преку кредит од Европската инвестициска банка. Изведбата траеше 18 месеци.  

Со новата автоматска дигитализирана линија се модернизира производството на вино, се зголемува ефикасноста, значително се олеснува работата на вработените и се зголемува контролата и безбедноста на финалните производи. Дополнително, како што кажа менаџментот, новата постројка овозможува намалување на емисијата на CO2 за 40 проценти, што е во согласност со ESG принципите имплементирани во рамки на стратегијата за одржливост на „Тиквеш“.

Светозар Јаневски, претседател на Управен одбор на винаријата, говореше за инвестицијата, идните планови и визијата на овој вински капацитет. Тој рече дека станува збор за нова, модерна, софистицирана линија, со што ќе се работи полесно и поефикасно. Јаневски нагласи дека со подемот на винарницата, имаше потреба од едни вакви инвестиции.

- Спремни сме за наредниот период, нагласи Јаневски, пред присутните, меѓу кои и италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри. 

Јаневски се осврна на значењето и влијанието на оваа инвестиција врз натамошниот одржлив развој на „Тиквеш“, како и за нејзините ефекти врз развојот на винарството и на локалната заедница.

Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, исто така, изрази задоволство од новата инвестиција, во регионот со долгогодишна лозаровинарска традиција. бд/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан