• четврток, 26 декември 2024

Нова книга од Капушевска-Дракулевска и Мартиновски за творештвото на Урошевиќ

Нова книга од Капушевска-Дракулевска и Мартиновски за творештвото на Урошевиќ

Скопје, 9 мај 2024 (МИА) - Во издание на издавачката куќа „Бегемот“ излезе од печат заедничка книга со книжевно-теориски студии, осврти и есеи на Лидија Капушевска-Дракулевска и Владимир Мартиновски, насловена „Градоначалникот на Хипнополис“. Се работи за книга диптих, целосно посветена на творештвото на академик Влада Урошевиќ.

Во освртот за книгата, писателот Владимир Јанковски нагласува дека авторите нудат свое автентично читање на прозното и поетското творештво на Урошевиќ преку една двојна перспектива.

-Имено, текстовите во книгата, од една страна, разјаснуваат некои од клучните аспекти на поетиката на Урошевиќ, а од друга страна, тоа е еден вид теориски дијалог за творештвото на авторот и меѓу Капушевска-Дракулевска и Мартиновски. Во книгата се анализирани и претставени некои од главните творечки преокупации на Влада Урошевиќ: сонот како неисцрпен поттик за создавање и креативно преобликување во литературата, идејата за поезијата како чин на игра и комбинација, опседнатоста со поетската слика и односот на авторот кон модерното сликарство, релациите меѓу творештвото на Урошевиќ и поетиката на надреализмот, автопоетичките согледувања за уметноста и умешноста на пишувањето поезија, жанровските елементи во неговите романи, како и различните теми опфатени во неговите кратки раскази, се вели во освртот на книгата на Јанковски.

Како што се наведува во освртот, станува збор за луцидна, акрибична, теориски внимателно напишана книга, во која освен што мошне прецизно се прикажани различните слоеви од опусот на Влада Урошевиќ, тие се анализирани и толкувани со еден вид поетска страст за неговото творештво.

Книгата е објавена со поддршка од Министерството за култура. бт/дма/

Фото: плакат

Остани поврзан