• сабота, 23 ноември 2024

Нова донација за граѓаните во Река од иселеникот Сафет Алили

Нова донација за граѓаните во Река од иселеникот Сафет Алили

Дебар, 5 декември 2023 (МИА) - Иселеникот Сафет Алили уште еднаш ја потврди неговата хуманост и поврзаност со родното место, овој пат донирајќи, меѓу другото клупи и столчиња за основците во неговата Река.

-Голема благодарност до нашиот Сафет Алили, кој донираше клупи и столчиња за ученците од основното образование, кои може да се прилагодуваат според растот на децата. Љубовта и приврзаноста кон родниот крај ја потврди уште еднаш, велат од управата на ООУ „Блаже Конески“ во Скудриње.

Во телефонски разговор Алили за МИА информираше дека станува збор за 85 клупи и 115 столчиња наменети за ученици до петто одделение, каде што се најпотребни, најавувајќи дека оваа активност ќе продолжи.

-Ова е само дел од хуманитарната помош што ние како хуманитарно друштво „Letzcare“ ја донесовме во Македонија. Во него ангажирани сме ние како фамилија но имаме помош  и од други субјекти. Во помошта што деновиве пристигна со шлепер има и инвалидски колички, ролатори, електронски болнички кревети и друга опрема. Истата ќе ја распредели на здравствени установи кои имаат потреба од неа, рече тој.

Ова хуманитарно здружение во неколку наврати донираше потребни средства и помагала за Здравствениот дом „Русе Бошкоски“ во Ростуше. Исто така донираа и во други здравствени установи во државава, меѓу кои и Заводот за рехабилитација во Отешево.

-Човекот треба да биде задоволен со она што го поседува и да го споделува со другите на кои им е потребна помош. Денеска не треба да имате многу за да бидете задоволен, затоа што границите на материјалното се бесконечни. Има една изрека не е важно што имате, туку тоа што го имате како го користите. Нашите родители не воспитуваа да помагаме секому, а чувството за хуманост го пренесовме и кај помладите наши генерации, вели Алили.

Сафет Алили е родум сум од селото Присојница, Долна Река, општина Маврово Ростуше, живеел во Тетово, а од 1991 година живее во Луксембург, со неговото и семејствата на неговите браќа, кои заедно се вклучени во хуманитарните активности. вт/мд/

Фото: ООУ „Блаже Конески“ во Скудриње и „Letzcare“ 

 

 

Остани поврзан