• сабота, 06 декември 2025

Нова група американски волонтери од Мировен корпус положиja заклетва, две години ќе бидат на служба во државава

Нова група американски волонтери од Мировен корпус положиja заклетва, две години ќе бидат на служба во државава

Скопје 5 декември 2025 (МИА) – Нова група 48 американски волонтери на Мировниот корпус во Северна Македонија денеска положија свечена заклетва и,  откако ја поминаа тримесечната обука, ја почнуваат двегодишната служба во државава. 

Како дел од подготвителната обука, волонтерите живееја во семејства – нивни домаќини во општините Неготино, Кавадарци, Свети Николе, Гостивар и Теарце, изучувајќи го македонскиот и албанскиот јазик и културата, предавајќи во локалните училишта и помагајќи во локалните невладини организации.

Волонтерите ќе работат како едукатори по англиски јазик, ќе бидат соработници за развој на заедниците и во програмата за инклузивно образование. Овие Американци се досега 28-ма група и се приклучија на повеќе од 900 американски граѓани кои служеле како волонтери во нашата земја од 1996 година. 

Добредојде на новата група и посака амбасадорката на САД, Анџела Агелер, која рече дека е особено среќна што оваа група волонтери даваат заклетва кога се одбележуваат 30 години од отворањето на Амбасадата на САД во Скопје. 

Во изминатите години ја следела нивната работа и, рече, „продолжуваат вредно да работаат и да пленат со својата преданост како амбасадори на Соединетите Американски Држави во оваа земја“.

-Волонтерите го претставуваат најдоброто од она што Америка му го нуди на светот, а уште поважно е што тие со себе назад ќе го однесат најдоброто од она што Северна Македонија му го нуди на светот. Тие ќе градат мостови меѓу луѓето од нашите две држави коишто траат со години и продолжуваат да постојат дури и кога волонтерите ќе завршат со својата служба, истакна Агелер. 

Основан во 1961 година од американскиот претседател Џон Ф. Кенеди, мисијата на Мировниот корпус е да промовира мир и разбирање, соработка и добра волја меѓу различните култури. Повеќе од 240 000 Американци биле дел од Корпусот низ светот од формирањето пред 64 години.  

Дејвид Рисајд, директор на Мировниот корпус во Северна Македонија, на свеченоста рече дека е среќен што е сведок на положувањето заклетва на една од најголемите групи волонтери на Мировниот корпус во Северна Македонија. Им се заблагодари на семејствата домаќини кои 11 месеци им давале поддршка и нагласи дека двете години од нивниот живот што ќе ги посветат на волонтерството се најдрагоцено искуство. 

-Волонтерите на Мировниот корпус стануваат дел од заедницата на која и служат, создаваат доживотни пријателства со нивните семејства домаќини и колегите и се вклучени во значајна работа. Службата во Мировен корпус е навистина едно искуство кое го менува животот, истакна Рисајд на церемонијата. 

На свечената заклетва беше присутна и претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, а волонтерите беа поздравени од министрите за образование и наука и за локална самоуправа, Весна Јаневска и Златко Перински, кои им посакаа успешна мисија и убав престој, нагласувајќи ја и долгогодишната поддршка од САД. 

-Знам дека во следните две години ќе оставите трага во заедниците во кои ќе живеете и работите. Од својата култура и традиција ќе донесете тука делчиња што ќе ги збогатат нашите образовни установи, а со себе ќе понесете спомени, искуства и убави пријателства од нашата мултикултурна и гостопримлива земја. Уверена сум дека многумина од вас ќе се вратат дома со дел од Македонија во срцето, истакна Јаневска.

Министерот Перински им се заблагодари на волонтерите што избрале две години да живеат и работат во нашата земја и истакна дека тие „заслужуваат посебно место поради нивната определба и посветеност да ги споделат своето знаење и искуство и несебично да помагаат“.

-Соработката со Мировниот корпус е уште една потврда на стртаешкото партнерство помеѓу нашите две земји и затоа со големо задоволство минатата година со директорот на Мировниот корпус, г. Рисајд, потпишавме Меморандум со кој ја продолживме соработката, рече Перински.  хс/вг/

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан