• четврток, 27 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Новата претставничка на УНИЦЕФ, Лесли Милер му ги предаде акредитивните писма на министерот Муцунски

Новата претставничка на УНИЦЕФ, Лесли Милер му ги предаде акредитивните писма на министерот Муцунски

Скопје, 2 јули 2024 (МИА) - Новоименуваната претставничка на УНИЦЕФ во Северна Македонија Лесли Милер, му ги предаде акредитивните писма на министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски, соопштија од Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје.

Министерот Муцунски изразил благодарност за 30-годишното партнерство меѓу Владата и УНИЦЕФ во земјава и истакнал дека истакна дека промената во општеството мора да започне од децата и нагласи дека продолжувањето на оваа соработка е важно за унапредување на детските права. 

-Милер упати пофалба до министерот за достигнувањата на земјата во областа на децата, забележувајќи дека откако е ратификувана Конвенцијата за правата на детето пред 30 години, законодавно-политичките рамки се подобрени, а вака зајакнатите системи придонесуваат за подобрување на правата и благосостојбата на децата, се вели во соопштението од УНИЦЕФ. 

Уважувајќи ги аспирациите на земјата за поодржлив социо-економски развој и подобра благосостојба на сите нејзини граѓани, претставничката на УНИЦЕФ се обврзала дека ќе продолжи да соработува со Владата за да се одговори на потребите и да се заштитат правата на децата и нивните семејства. Оваа соработка, според неа, значи продолжена поддршка на важни реформи во здравството, образованието, детската и социјалната заштита, правдата и животната средина, како и решавање на новите предизвици за децата. Таа додала дека новата програма за земјата (2026-2030) ќе биде единствена можност да се обноват заедничките заложби за сите деца во земјата – особено за најранливите девојчиња и момчиња – да напредуваат, да учат, да бидат заштитени и вклучени.

Пред да стапи на должност во Северна Македонија, Лесли Милер била заменик-претставник на УНИЦЕФ во Виетнам. Таа има повеќе од 30 години искуство во УНИЦЕФ на повеќе лидерски, партнерски и програмски позиции. Покрај службата во Виетнам, работела и во Србија и Камбоџа, во Регионалната канцеларија на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија со седиште во Женева и во седиштето на УНИЦЕФ во Њујорк. сст/цр/

Фото: Канцеларија на УНИЦЕФ во Скопје

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан