• сабота, 28 декември 2024

Новата Предлог-регулатива за Механизмот за реформи и раст за Западниот Балкан на седница на Корепер  

Новата Предлог-регулатива за Механизмот за реформи и раст за Западниот Балкан на седница на Корепер  

Брисел, 6 март 2024 (МИА) - Ревидираната верзија на текстот на Предлог-регулативата за создавање на Механизам за реформи и раст на Западниот Балкан е на дневниот ред на денешното заседание на Комитетот на постојани претставници на земјите членки на Унијата (Корепер). 

Станува збор за ревидиран текст на предлогот на Еврокомисијата, кој е усогласен во текот на преговорите меѓу Советот на ЕУ и Европскиот парламент во рамки на т.н. „тријалог“. 

Како што се наведува во Предлог-регулативата, таа се носи имајќи ги предвид заедничкиот интерес на Унијата и нејзините партнери од Западен Балкан за унапредување на напорите за реформирање на политичките, правните и економските системи на земјите од регионот, со цел нивно идно членство во Унијата. 

- Перспективите за членство во Европската Унијата имаат силен трансформациски ефект, што вклучува позитивни демократски, политички, економски и социјални промени, се додава во текстот. 

Во документот се посочува дека во моментов БДП-то по глава на жител во земјите од регионот според стандардите на куповна моќ, се уште е на многу ниско ниво помеѓу 30 и 50 отсто од просекот на ЕУ и не се зголемува доволно брзо, па затоа со цел да се намали таа разлика Европската комисија го предложи Планот за раст на Западниот Балкан. 

Состанок на лидерите од Западен Балкан, посветен на Планот за раст усвоен од Европската Комисија се одржува денеска во Скопје.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Планот за раст на Западниот Балкан се базира на четири столба - зајакната интеграција на единствениот пазар на ЕУ, поттикнување на регионалната економска интеграција, заснована на правилата и стандардите на Унијата преку целосно спроведување на постоечкиот Акциски план за заеднички регионален пазар, продлабочување на реформите насочени кон забрзување на растот во регионот, промовирање на економската конвергенција и зајакнување на регионалната стабилност, како и воспоставување на Механизмот за реформи и раст на Западниот Балкан, како нов финансиски инструмент за имплементација на Планот. 

Во текстот натаму се додава дека целта на Механизмот, како нов наменскиот финансиски инструмент, е да се зголеми финансиската поддршка на земјите од регионот за спроведување на Планот за раст и на неопходните реформи за поттикнување на економскиот раст, регионалната интеграција и заедничкиот регионален пазар. 

- За да се постигнат овие цели, посебен акцент, особено кога станува збор за инвестициите, треба да се стави на секторите кои веројатно ќе бидат клучни мултипликатори на социјалниот и економскиот развој: поврзувањето, вклучувајќи го транспорт, енергијата, зелената и дигиталната транзиција, образованието и развојот на вештини, се наведува во документот. 

Во регулативата се додава дека како придонес на ЕУ за интеграција на регионот, Европската комисија предлага ревизија на Трансевропската транспортна рамка (ТЕН-Т) со вклучување во неа на нов коридор што минува низ регионот на Западниот Балкан – Коридорот Запад-Источен Медитеран, при што се нагласува дека ТЕН-Т треба да биде референтна точка за финансирање на транспортната инфраструктура во регионот. 

Механизмот, исто така, треба да ги поддржува и инвестициите и реформите кои го трасираат патот на земјите од регионот кон дигитална трансформација на економиите и општествата во согласност со амбициите за остварување на дигиталните цели на ЕУ до 2030 година и за гарантирање на безбедноста, флексибилноста и заштитата на интегритетот на дигиталната инфраструктура во регион, како и за поттикнување на зелената транзиција преку зголемена заштитата на животната средина, ублажување на климатските промени, зајакнување на отпорноста и забрзување на трансформацијата кон економии со ниски емисии на јаглерод. 

Во рамки на грчката иницијатива за заедничка иднина на балканските земји и Европа, денеска во Солун ќе се одржи Конференција на високо ниво за европските перспективи на Западниот Балкан насло

Во документот се потенцира дека Механизмот не треба да претставува замена на сегашната билатерална и регионална поддршка за земјите од регионот, туку дополнителна помош за нивна подготовка за членство во Унијата. 

- Во рамките на Механизмот треба да се обезбеди поддршка за остварување на општите и специфичните цели врз основа на утврдени критериуми и со јасни услови за исплата. Општите цели на Механизмот треба да бидат забрзување на регионалната економска интеграција, постепена интеграција со единствениот пазар на Унијата, социо-економска конвергенција на економиите на Западниот Балкан и усогласување со законите, правилата, стандардите, политиките и практиките на Унијата за постигнување на целта за членство во Унијата. Механизмот треба да придонесе и за забрзување на реформите поврзани со основните принципи на процесот на проширување, вклучувајќи го владеењето на правото, јавните набавки и контролата на државната помош, управувањето со јавните финансии и борбата против корупцијата. Овие цели треба да се постигнат на таков начин што ќе се надополнуваат една со друга, се додава во Предлог-регулативата. 

Во документот се наведува и дека максималната сума на финансиската поддршка во рамки на Механизмот треба да биде шест милијарди евра за периодот од 2024 до 2027 година, од кои две милијарди евра во форма на грантови и четири милијарди евра позајмици, при што најмалку половина од вкупниот износ треба да се распредели преку Инвестициската рамка за Западниот Балкан (ВБИФ), вклучувајќи го и целиот износ на грантовите. 

– Со оглед на амбициозните општи цели на овој Механизам со краток период на имплементација, Регулативата треба да стапи во сила наредниот ден по нејзиното објавување во Службениот весник на Европската унија, се наведува во документот. 

Инаку, на денешната седница на Корепер меѓу останатите точки ќе се најдат и подготовките за Самитот на ЕУ предвиден за 21 и 22 март, измените и дополнувањата на Одлуката за воспоставување Европски мировен фонд, буџетските насоки за 2025 година, како Одлуката на Советот за рестриктивни мерки за активности за поткопување или загрозување на територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина. сп/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан