• петок, 27 декември 2024

Новата влада на Словачка го затвора специјализираното обвинителство за корупција и тешки кривични дела

Новата влада на Словачка го затвора специјализираното обвинителство за корупција и тешки кривични дела

Братислава, 6 декември 2023 (МИА) - Новата влада на Словачка, предводена од премиерот Роберт Фицо, денеска одобри амандман на Кривичниот законик на земјата со кој ќе се затвори специјализираното обвинителство кое се занимава со најтешките злосторства и корупција, јавија американските медиуми. 

Словачката претседателка Зузана Чапутова, опозицијата и невладините организации се спротивставија на одлуката, велејќи дека таа е против владеењето на правото. Чапутова ги нарече плановите на владата за промена на правосудниот систем „патетични и опасни“.

Со одобрениот амандман се предвидува специјализираното обвинителство да престане со работа до 15 јануари следната година. Обвинителите од него ќе се распределат под раководство на главниот обвинител, а територијалните одделенија на специјализираното обвинителство ќе преземаат предмети кои не се затворени.

За да стапи на сила затворањето на ова обвинителство, измената на кривичниот законик мора да биде одобрена од парламентот и претседателот на државата.

Според словачкиот огранок на меѓународната антикорупциска организација Транспаренси интернешенел, осудени се 95 отсто од обвинетите чии случаи специјализираното обвинителство ги испратило до судовите, вклучително и високи владини функционери. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан