• недела, 24 ноември 2024

Ниските температури засега нема да предизвикаат измрзнување на овошните насади во Пијанечко

Ниските температури засега нема да предизвикаат измрзнување на овошните насади во Пијанечко
Делчево, 3 февруари 2022 (МИА) - Ниските температури кои засега се движат до -9 степени Целзиусови не можат да предизвикаат поголеми штети кај овошните насади. Штета, како што велат агрономите од Пијанечко, може да настане доколку минусните температури надминат 20 степени, што засега според најавите на метеоролозите е малку веројатно. -Најмногу од ниските температури, страдаат младите насади кои сѐ уште немаат формирано длабок корен. Кај таквите насади може да се предизвика дехидрирање на стеблото. Сепак засега не може да се зборува за штети од студот, бидејќи тоа ќе се знае кога дрвјата ќе почнат да „вегетираат" велат агрономите. Во Делчевско во последните 30 години, не се забележани поголеми измрзнувања во овој период од годината. Делчевскиот агроном Неџбедин Мемедов во повеќе наврати има споменато дека најголемите штети во овој регион имало во далечната 1985 година, кога од ниските температури настрадале илјадници стебла од јаболка во Делчевско, кои потоа биле искорнати. Агрономите сепак препорачуваат задолжително следење на препораките, со цел да не дојде до несакани последици. -За овоштарите најважно е есенското заорување со арско ѓубре. Доколку тоа е направено, коренот е спасен од измрзнување, додаваат вработени во Агенцијата за поддршка и развој на земјоделството. Во Пијанечкиот регион годишно се садат од 500 до 1.000 хектари со модра слива, која е најзастапено овошје во последните 20 години. вс/вј/

Остани поврзан