• среда, 25 декември 2024

Николоски: Јас додека сум министер никој нема да остане на улица, а ќе има одговорност за душманското трошење на парите од Пошта и Железници

Николоски: Јас додека сум министер никој нема да остане на улица, а ќе има одговорност за душманското трошење на парите од Пошта и Железници

Скопје, 9 јули 2024 (МИА) - Јас знаев дека секторот кој што го преземам ќе биде тежок, но е многу полошо и многу потешко од моите најлоши очекувања и предвидувања. Со години не се работело ништо и се оставале проблемите под тепих. И јас како министер на оваа позиција сум само 12 дена до денес и не можам за 12 дена да решам нешто што изминатите седум години било запоставувано, но се обидувам да помогнам колку можам“ истакна Александар Николоски, вицепремиер за економски прашања и министер за транспорт во емисијата „За или против“ на Алфа телевизија.

Николоски, како што соопшти Министерството за транспорт, вети дека нема да дозволи ниту еден човек да си замине од работа и да остане на улица.

-Она што можам да го ветам на сите дека во мојот мандат нема ниеден човек од секторите кои што се под мене да остане без работа без негова волја, нагласи тој.

Според него, Македонски железници – транспорт, Македонски железници – инфраструктура и Македонска пошта се во многу лоша сосотојба од менаџерски аспект.

-Сега ние имаме две паралелни реалности, ако ги гледате компаниите пред се тука мислам на Македонски железници – транспорт, Македонски железници – инфраструктура, тоа се две различни претпријатија, едните ги имаат возовите под нив, а другите ги имаат пругите под нив и Македонска пошта. И ако гледате чисто менаџерски тие се во многу лоша состојба. Но, ако гледате од човечки аспект од таму егзистираат 4.400 семејства, кои што секој месец треба дома да однесат нешто и да живеат нормално во текот на тој месец. И затоа работите не можат да се гледаат праволинински, појасни Николоски.

Тој смета дека првично треба да се направи стабилизација за која што е потребно, вели, од пет до шест месеци, а потоа и рационализација за да се увиди зошто се трошеле средства, како се трошеле и кој ги трошел.

-Секаде каде што има сомнежи за криминал да си влезе МВР и да си ги испоапси тие што го правеле истиот тој криминал. За тоа што не случајно се донесени претпријатијата во таа состојба. А, јас не случајно ја повикав МВР да влезе во мојот ресор и во фирмите кои што се под мене, рече министерот Николоски.

Тој укажа дека е потребно среднорочно и долгорочно да се направи план како претпријатијата да станат профитабилни.

-Трите претпријатија ја имаат потрошено платата за оваа година комплетно. Значи досегашните менаџери тоа што требало да го потрошат за 12 месеци, го потрошиле за шест месеци. Тоа е душмански однос кон претпријатијата кои што ги водат. И за тоа мора да има одговорност, истакна министерот.

Тој уверува и дека трите претпријатија, и покрај таквите состојби, нема да останат без приходи.

-Јас не смеам да дозволам луѓето кои што егзистираат од овие претпријатија да останат без приходи затоа што на крајот на денот тие луѓе не се виновни што претходната Влада на Заев и Ахмети ставила такви менаџери какви што ставила, нагласи Николоски, наведуваат од Министерството за транспорт. вг/нд/

Фото: МИА Архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан