• среда, 25 декември 2024

Николоски: Следната година ќе го развиваме проектот „Купи куќа за млади“

Николоски: Следната година ќе го развиваме проектот „Купи куќа за млади“

Битола, 7 ноември 2024 (МИА) - Следната година сериозно ќе го развиваме проектот „Купи куќа за млади“ кој што треба да овозможи по пристапни цени да може младите да купат или да изградат куќа, а ќе продолжиме и со проекти во станбената политика, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

На свеченост во Битола организирана поводно за поставување камен темелник на станбена зграда во просторот на поранешната касарна, Николоски истакна дека со изградба на ваков објект се става крај на уцените што ги прават градежниците.

-Со изградбата на оваа зграда се овозможува регулирање на пазарот на надвижности. Како што е познато станбениот квадрат во Битола, Охрид, Штип, Скопје...отиде многу високо. Тоа што може да го најавам е дека цената ќе биде најмалку 30 до 40 насто поевтина од моментниот пазар во Битола, со што ќе ставиме крај на уцените што ги прават градежниците со екстремно високи цени што не соодветствуваат со стандардот на македонските граѓани и луѓето се доведоа во ситуација да се исселуваат од државата затоа што неможат да си дозволат да купат стан или куќа. Ова е само прв чекор, а во следната година сериозно ќе го развиваме проектот „Купи куќа за млади“ кој што треба да овозможи по пристапни цени да може младите да купат или да изградат куќа, а ќе продолжиме и со проекти во станбената политика, истакна вицепремиерот Николоски.

Од Министерството за транспорт информираа дека во Битола во моментов се реализираат проекти чија вредност изнесува 10 милиони евра и тоа директно и позитивно ќе влијае врз целокупната економија во градот.

-До крајот на 2024 година, само преку министерството за транспорт, во Битола ќе се инвестираат вкупно 10 милиони евра, нешто што досега не се случило во градот. Во градот завршена е реконструкција на 7 улици во населбата „Недопирливи“ во вредност од околу 500.000 евра, во моментов се работи на „Индустриска“ во вредност од 700.000 евра, денеска треба да се избере изведувач кој ќе работи на реконструкција на водоводна мрежа и канализациона мрежа на 4 улици во вредност од 200.000 евра. Со одлука на владата, само преку министерството за транспорт на Општина Битола и се доделени 2,7 милиони евра само за оваа година, а догодина средствата ќе се удвојат. Во моментов во Битола се работи на сообраќајниот влез на градот вреден два милиони евра, што значи збирно во моментов има економска активност во вредност од 10 милиони евра, стимулирана преку Министерството за транспорт, а тоа многу значи за целокупната економија во градот, нагласи Николоски.

Новата комерцијална зграда се гради на површина од 3.900 квадратни метри и ќе биде вселива во август 2026 година, истакна генералниот директор на АД за стопанисување со станбен и деловен простор од интерес на републиката, Марјан Стефановски.

-После 12 години, повторно во Битола, АД за стопанисување со станбен и деловен простор, гради комерцијален станебн објект, зграда со 65 станови и 11 деловни простории. Сакаме да бидеме регулатор на пазарот на станови и ќе ја намалиме цената на квадратот за подрачјето на Битола. Градбата ќе се одвива 20 месеци, односно во месец август 2026 година зградата ќе биде целосно изградена, истакна Стефановски.

Јавна благодарност за поддршката што Министерството за транспорт ја дава на Општина Битола искажа градоначалникот Тони Коњановски. Тој на прес конференција потсети дека преку Министерството за транспорт се реализираат 13 проекти, а има и други. -Во моментов се работи на улиците „Бурса“ и „8-ми Септември“ кои после педесет години повторно се градат. Изградбата на оваа зграда се вклопува во градежната офанзива во градот кој е жив, живее и има интерес за живеење во Битола, посочи Коњановски. мт/сст/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан