• среда, 25 декември 2024

Николоски на средба со ЕБОР: Владата е решителна да ги заврши проектите во патната и железничката инфраструктура

Николоски на средба со ЕБОР: Владата е решителна да ги заврши проектите во патната и железничката инфраструктура

Скопје, 20 ноември 2024 (МИА) - Поддршката за капиталните проекти и унапредувањето на инфраструктурата, беа теми на разговор на денешната средба на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски со делегација од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) предводена од Матео Колањели, регионален директор на Банката за Западен Балкан.

На средбата, информираат од  Министерство за транспорт, се разговараше за финансиската поддршка за реализација на капиталните проекти со посебен фокус на изградба на автопатот Скопје - Блаце, изградба на брза пруга на Коридорот 10 како и доизградба на пругата на Коридорот 8.

Николоски ја потенцираше решителноста на Владата за реализација на овие проекти и нагласи дека е од големо значење вклученоста на ЕБОР во подобрување и рационализација на проектите на ниво на изводливост, со цел утврдување на најсоодветните варијанти за нивна изградба. 

На средбата, исто така, се разговараше и за динамиката за изградба на проектите, при што Николоски истакна дека во периодот што следи, Владата ќе ги забрза постапките за реализација.

-Денешната средба со ЕБОР беше конструктивна и во насока на изнаоѓање заеднички решенија се со цел да изградиме квалитетен автопат, притоа тој да биде со реални цени, а не како што било планирано претходно и секако да нема штета по буџетот и граѓаните. Работната група работи на изнаоѓање на нова траса и очекувам во скоро време да имаме нова поевтина траса од претходно понудената, истакна Николоски по средбата. 

Додаде дека земјава е силно посветена на регионалното поврзување и економскиот развој и во таа насока има силна волја во завршување на крупните инфраструктурни проекти. вј/нд/

Фото: Министерство за транспорт

Остани поврзан