• четврток, 26 декември 2024

Николоски на годишниот состанок на Управниот одбор на ЦЕФ во Тирана – Зелената транзиција меѓу најзначајните приоритети на Владата

Николоски на годишниот состанок на Управниот одбор на ЦЕФ во Тирана – Зелената транзиција меѓу најзначајните приоритети на Владата

Скопје, 22 јуни 2023 (МИА) - Зелената транзиција е еден од приоритетите кои се високо на листата на Владата на РС Македонија, што се покажа како исклучително значајно во периодот на енергетската криза. Во изминатиот период Владата сериозно се посвети на инвестиции во енергетскиот сектор, со цел спроведување на успешна енергетска транзиција која ќе обезбеди сигурност во снабдувањето на енергенси, одржливост на енергетскиот систем и ќе биде ценовно прифатлива за сите граѓани и компании.

Ова го истакна заменик министерот за финансии Филип Николоски во своето обраќање на годишниот состанок на Управниот одбор на ЦЕФ во Тирана на тема „Зелена транзиција“.

-Кризата ја покажа потребата од енергетска независност. За нас е многу значајно што со навремено преземање чекори, будно следење на состојбата и добро планирање на целокупниот производствен процес во домашните капацитети успешно ја поминавме грејната сезона и целиот период на криза. Оценивме дека најбрзо може да се реализира поставувањето на фотоволтаични централи и ги олеснивме условите за поставување на ваквите централи. Дополнително, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги за 17 месеци има издадаено лиценци за близу 500 централи за производство на електрична енергија од обновливи извори со вкупна инсталирана моќност од 246,9 MW, што значи дека се повеќе компании и фабрики во земјава сами произведуваат електрична енергија и со тоа обезбедуваат не само сигурност во снабдувањето, туку и пониски трошоци за електрична енергија, истакна заменик министерот Николоски.

Покрај новите инвестиции Владата презема чекори за зголемување домашното производство од постоечките енергетски капацитети, со активирање на ТЕЦ Неготино и искористување на целокупниот капацитет на РЕК Битола и РЕК Осломеј. Дополнително, АД ЕСМ целосно ги задоволи потребите за домаќинствата и компаниите на регулираниот пазар и увозот на електрична енергија беше намален што претставува заштеда од околу 100 милиони евра.

Поддршката за граѓаните за справување со енергетската криза од страна на Владата досега изнесува околу 400 милиони евра. Поради непредвидливоста, оваа година предвидени се дополнителни 225 милиони евра средства од Буџетот за справување со кризата.

-Посветени сме на развивање и градење сигурен, ефикасен, еколошки и конкурентен енергетски систем во функција на одржлив економски раст на земјата. За таа цел Владата на РС Македонија планира инвесиции на долг рок во зелена транзиција меѓу кои ХЕЦ Чебрен, ревитализација и модернизација на големите хидроелектрани  РЕК Битола и РЕК Осломеј, потоа ветерни паркови и слично, рече Николоски.

Инвестициите во зелена транзиција се приоритет и во Планот за забрзан економски раст со кој се предвидува да се воведат нови финснсики инструменти – зелена обврзница, наменета токму за поддршка на овие зелени проекти, како и воспоставување Фонд за енергетска ефикасност во рамки на Развојната банка на Северна Македонија.

ЦЕФ е меѓународна организација со седиште во Љубљана, Словенија, чијашто мисија е да го поддржи развојот на капацитетите на финансиските службеници во Југоисточна Европа преку учење. На годишниот состанок, Одборот го потврди годишниот извештај на ЦЕФ за 2022 година и ги разгледа темите поврзани со управувањето и со програмата. На средбата учествуваат високи претставници од министерствата за финансии и централните банки од земји членки на ЦЕФ. дма/

 

Фото: Министерство за финансии

Остани поврзан