• сабота, 23 ноември 2024

Николоски за „Катимерини“: Граѓаните заслужуваат да бидат дел од ЕУ, нашиот пат кон Унијата е многу тежок

Николоски за „Катимерини“: Граѓаните заслужуваат да бидат дел од ЕУ, нашиот пат кон Унијата е многу тежок

Атина, 29 октомври 2024 (МИА) – Нашите граѓани заслужуваат да бидат членки на ЕУ за да имаат подобра иднина. Како Влада се обврзавме дека ќе ги спроведеме неопходните реформи што ги имаме пред нас. Нашиот пат кон ЕУ е многу тежок, вели заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски во интервјуто за грчкиот весник „Катимерини“, јави дописничката на МИА од Атина.

Посочува дека како Влада веруваат во европските вредности и затоа се борат да ги обединат своите граѓани со останатите од Европската унија

-Ова што го прави Бугарија, ставајќи вето на нашите пристапни преговори е неоправдано. Не е во согласност со европските вредности. Имаме јасна цел и веруваме дека еден ден ќе бидеме рамноправни со повеќето земји во Европа, вели Николоски.

Во интервјуто под наслов „Сакаме поблиска соработка“, освен за ЕУ перспективата на земјава, говори и за интерконекторот за природен гас со Грција, за железничката мрежа, за договорот со Бугарија за Коридорот 8, но и порачува дека регионот треба да дејствува заедно, а не секоја земја поединечно.

Изразува подготвеност за изградба на интерконекторот за природен гас со Грција, објаснувајќи дека „за жал нашиот природен гас целосно доаѓа од Русија“ и затоа, како што вели, „потрбно е да ја намалиме оваа зависност“.

-Решението за алтернативно снабдување на земјата со гас е интерконекцискиот гасовод Грција-Северна Македонија, нагласува и додава дека „тоа е огромен проект што многу ќе значи за двете земји, како и за голем дел од останатите европски земји“.

Дополнително посочува дека „единствениот начин за напредок е создавање заеднички проекти кои ќе ги зближат двете земји уште повеќе“, но и дека е потребна подобра поврзаност меѓу земјите од Западен Балкан, подобра инфраструктура и комуникација, за да се зајакнат дипломатските односи меѓу земјите.

Во интервјуто за „Катимерини“, вицепремиерот се осврнува и на важноста на железничката мрежа и железничката поврзаност, нагласувајќи дека „новата брза железница е иднината на регионот“.

-Преку надградениот железнички систем во регионот ќе ја зајакнеме економијата, ќе создадеме подобра клима за инвестиции, нови работни места и нашите компании ќе можат да извезуваат и увезуваат повеќе стоки, истакнува Николоски, пренесе МИА.

Објаснува дека брзиот трансфер на стоки од грчките пристаништа во централна Европа ќе донесе стабилност во целиот регион и ќе им помогне на економиите, особено на земјите поврзани со Коридорот 10.

-Треба да се дејствуваме како регион, а не како поединечни земји, да ја оставиме политиката настрана и да се фокусираме на економиите и создавање просперитетен регион, истакнува во интервјуто.

Се осврнува и на договорот со Бугарија за продолжување на изградбата на Коридорот 8, за кој вели дека е важен и дека заедно со Коридорот 10 ќе бидат „голема придобивка“.

-Сепак, нашите соседи мора да се посветат на неговиот развој. Нема смисла ние да го градиме, а нашите соседи не, коментира министерот и објаснува дека планот што постои не е изводлив, но и многу скап, односно 560 милиони евра за 24 километри и затоа, посочува дека ќе треба да се направи нов план, одново да се пресметаат трошоците и „Бугарија мора да се обврзе и да гарантира дека ќе изгради свој дел“.

Во интервјуто напоменува дека се работи и на експресен пат што ќе го поврзе Скопје со границата со Бугарија, кој се очекува да биде готов до следната година.

Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски минатата седмица учествуваше на вториот „Форум за поврзување во Југоисточна Европа“ (Southeast Europe Connectivity Forum) што се одржа во Солун, а на кој освен што имаше свое обраќање оствари и низа средби, меѓу кои и со министрите за транспорт и поморство на Грција, Христос Стајкурас и Христос Стилианидис. ср/нд/

Фото: Принтксрин

Остани поврзан