• сабота, 21 декември 2024

Николоски: Закон за испитување на капиталот на политичарите и функционерите

Николоски: Закон за испитување на капиталот на политичарите и функционерите
Скопје, 8 јули 2020 (МИА) - Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листа во изборна единица 4, во вечерашното интервју за Македонската телевизија посочи дека идната влада на ВМРО-0ДПМНЕ ќе предложи закон за испитување на капиталот и богатството на политичарите и носителите на јавни функции изминатите 30 години, додавајќи дека ако некој не може да го докаже потеклото на богатството тогаш ќе има оданочување од 70 проценти како што е во сите западноевропски држави и ќе се поведе кривична одговорност. -Криминалот нема боја. Нема криминал на СДСМ или криминал на ВМРО-ДПМНЕ или на друга политичка партија. Има криминал или има чесни луѓе. Ако некој е во состојба да го докаже потеклото на капиталот тоа треба да се знае, затоа што треба да се знаат и чесните луѓе. Но ако некој не е во состојба тоа да го направи треба да се оданочи 70 проценти, значи да се врати украденото кај народот како што е во секоја модерна западноевропска држава и да се поведе одговорност и ние од тоа нема да отстапиме, вели Николоски. Според него, со Обновата на Македонија ќе се врати достоинството на просветните работници, додавајќи дека платите на наставниците во средното и основното образование ќе изнесува 36.000 денари, а на професорите во високото образование ќе стигне до 100.000 денари. -Во делот на образованието сериозна реформа планираме и во делот на средното и основното образование првин да го вратиме достоинството на просветните работници кое што во моментот е урнисано за жал. Планираме платата во основното и средното образование да е над 36.000 денари, додека платата во високото образование да оди до 100.000 денари, се со цел да имаат пристојни приходи оние кои што ги образуваат нашите деца се со цел да можат добро да го пренесуваат знаењето, да се мотивирани, да се врати образованието онаму каде што му е местото, вели Николоски. Реформите во средното образование, рече би оделе во две насоки, воведување средно насочено образование кое што ќе ги селектира кадрите од сам старт. Како клучен проект од Обнова за Македонија тој ја посочи дигитализацијата укажувајќи дека државата мора да фати чекор со развиениот свет. -Клучен дел на нашата програма е дигитализација. Во следните четири години планираме мандатот да биде обележан со дигитализација односно тоа е клучниот проект кој што го ветуваме затоа што мора ние да фатиме како држава чекор со развиениот свет, кажа Николоски. вг/лв/

Остани поврзан