• недела, 10 ноември 2024

Николоски: Во следните години ќе се инвестираат 250 милиони евра во модернизацијата на македонското земјоделство

Николоски: Во следните години ќе се инвестираат 250 милиони евра во модернизацијата на македонското земјоделство

Прилеп, 15 септември 2023 (МИА) - Во следните години ќе се инвестираат 250 милиони евра во модернизацијата на македонското земјоделство, порача министерот за земјоделство Љупчо Николоски на вечерашната трибина во центарот на Прилеп на тема „ЕУ за развој на македонското земјоделство“.

-Тутунот ќе биде култура која во преговорите со ЕУ ќе правиме сѐ да биде заштитена и да може да продолжиме да субвенционираме, да даваме поддршка и да ги поддржуваме тутунопроизводителите, зашто тоа е наша традиција, култура, историја и бидете сигурни дека во текот на преговорите наша прва цел е како да го заштитиме тутунопроизводството и како да даваме поголема поддршка во овој дел, рече Николоски.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, порача дека Северна Македонија е лидер во регионот со најголема искористеност од 98 проценти на средства од ИПАРД 2, а ИПАРД 3 ќе ја започнувеме први во регионот со буџет поголем за 62 отсто, и со членството во ЕУ се отвора пазар од преку 500 милиони потенцијални потрошувачи, на кој македонските земјоделци ќе може да ги понудат и пласираат своите производи.

-Оваа година Европа и покрај предизвиците со кои се соочува од руската агресија врз Украина, буџетот за земјоделието и понатаму е во висина од 40% од вкупниот буџет на Европската Унија. Станува збор за 270 милијарди евра од земјоделскиот буџет на ЕУ за 2023-2027 година. Дури 34 милијарди евра се наменети исклучиво за еколошки и климатски цели и нови еко-шеми кои Европската Унија ги определи како приоритет за заштита на земјоделците и вработените во земјоделските сектори што со себе ги носат климатските промени, рече Маричиќ.

За разлика од културата, заедничката земјоделска политика на ЕУ е најстара и една од најважните политики, како во однос на бројот регулативи што ја регулираат оваа област, така и од аспект на уделот на земјоделскиот буџет во вкупниот буџет на Европската Унија.

- Примарната цел на заедничката земјоделска политика е да обезбеди стабилно снабдување со квалитетна, безбедна храна за населението на ЕУ. Да осигури пристапни цени и соодветен приход за земјоделците и да ја поддржи модернизацијата и развој на земјоделското производство и учествува во модернизацијата и развојот на руралните области, рече Маричиќ.

За францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер многу е битно земјоделското производство и неговиот развој.

-Вашата земја која е опкружена од сите страни со други, би требала да има привилегиран пристап до програмите за рурален развој кои ќе им помогнат на малите земјоделци да се модернизираат и да можат да ја покријат таа модернизација во висина од 70 проценти од нивните инвестиции, рече Бомгартнер.

Марина Тошеска од невладината „Лаг Агролидер“ од Прилеп посочи дека земјоделското производство учествува со преку 10 проценти во бруто домашниот производ, а во земјава се 130 000 земјоделски стопанства. лесно се стигнува до европските фондови, но треба да му се олесни пристапот на земјоделецот.

-Потребно ни е да креираме поефективен систем каде земјоделците ќе може да пристапат полесно до фондовите, олеснување на процедурите и да се обезбеди советодавна служба на терен што мислам дека може да ја достигнеме со поддршка на ЕУ, рече Тошеска.

На трибината земјоделците и присутните поставуваа прашања за одредени гранки на земјоделското производство. ем/аа/

фото извор МИА

Остани поврзан