• сабота, 23 ноември 2024

Николоски: Автопатот од Скопје до Блаце ќе се гради и ќе се изгради, но нема да реализирам криминал

Николоски: Автопатот од Скопје до Блаце ќе се гради и ќе се изгради, но нема да реализирам криминал

Скопје, 31 октомври 2024 (МИА) – Автопатот од Скопје до Блаце ќе се гради и ќе се изгради, но нема да реализирам криминал и нема да дозволам македонските граѓани да платат 70 милиони евра повеќе заради промените на трасата направени од претходната власт, посочи денеска министерот за транспорт Александар Николоски.

Во одговор на прашање на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања истакна дека досега нема автопатско решение и покрај тоа што се изградени два километри автопат, кои, како што кажа, почнуваат нигде и завршуваат нигде.

-Тие два километри не се поврзуваат со постојниот автопат од косовска страна, а почнуваат од границата меѓу Македонија и Косово. Затоа е нигде, а завршуваат нигде зашто завршуваат во дупка од 50 метри, рече Николоски.

На собраниската говорница ги објави документите во кои, како што рече, се потврдува дека проектот намерно се одолговлекувал и се спроведувал на овој начин се со цел една фирма да го добие тендерот за изградба на тунелите.

Техничкиот консултант, компанијата „Суес“ која била избрана како техничка поддршка во изведба на автопатот Скопје – Блаце, како што посочи, на 31 мај годинава му пратила писмо на тогашниот директор на ЈПДП Ејуп Рустеми во кое во точка 4 - трошоци за проектот, му вели дека трошоците растат од 172,1 милион евра на 240 милиони евра затоа што двапати го менувал проектот. На 17 септември од „Суес“ доставиле нов документ, сега до актуелниот директор на ЈПДП Коце Трајановски, во кое во точка 1 – услови на референца за проектирање, велат дека намерно погрешно се проектирани тунелите и оти не се проектирани согласно европските стандарди.

-Јас криминал на Ејуп Рустеми нема да реализирам и нема македонските граѓани да платат 70 милиони евра повеќе со можност за анекс од  20 отсто и да оди до 300 милиони евра, тоа нема да го дозволам. Тунелите на Рустеми се така проектирани затоа што тој проект на тунели може да го добие само една компанија кога би имало тендер затоа што на техники услови само таа компанија може да гради такви тунели. Нити јас, ниту премиерот, ниту, пак, Трајановски, а најмалку ЕБОР сме наивни за да финансираме криминал, рече Николоски.

Објави дека компаниите Јубај 2 Амет, Фрукта Фрута, Кадис Холдинг и Атлантик Дооел се фирмите кои ги купувале плацевите од физички лица каде требало да поминува трасата на автопатот, притоа плацевите биле препродавани неколку пати.

-Никогаш не е направена јавна презентација на трите траси што е законска обврска. Средствата за автопатот за првпат се одобрени 2019, потврдени 2020 година. Зошто не е објавен тендер во 2021 година, за да може да се продаваат парцелите и да се намести тендерот само една компанија да го добие и само таа компанија да гради тунели, истакна Николоски.

Од собраниската говорница го повика Јавното обвинителство целосно да го истражи случајот. вј/нд/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан