• среда, 25 декември 2024

Николоски: Поднесовме иницијатива за гласање недоверба на Владата

Николоски: Поднесовме иницијатива за гласање недоверба на Владата
Скопје, 8 ноември 2021 (МИА) - Потпретседателот на ВМРО - ДПМНЕ и пратеник Александар Николоски денеска објави дека тие заедно со пратениците од АА и Алтератива, Беса и Левица поднесуваат иницијатива за гласање недоверба на Владата. Според него, оваа иницијатива ја потпишале 61 пратеник и нивните очекувања се дека претседателот на Собранието во соодветниот рок да закаже седница односно најдоцна до четврток и да се гласа недоверба на Владата. -Владата предводена од СДСМ и ДУИ не донесе значајни резултати во претходните пет години, туку напротив владее со измами и пазарења на сметка на најважните прашања на народот. Наместо да го сочува достоинството на државата и нејзините граѓани, тие за секој одминат ден се повеќе го потонуваат народот во сиромаштија, непрекинат раст на инфлацијата и афери кои се мултиплицираат на дневна основа. Владата предводена од Зоран Заев ги изневери граѓаните што се виде на локалните избори, коишто всушност беа референдумско изјаснување против сегашната влада и нејзините политики, се наведува во образложението, како што посочи Николоски. Како што рече, останувањето на оваа влада без кредибилитет и јасна мнозинска поддршка од народот и без план за решавање на напластените проблеми, ќе значи само продолжување и продлабочување на политичката криза надополнета со еконоската криза, енергетскиот шок, ковид тенденциите кои се загрижувачки. -Изминативе пет години се доказ дека оваа Влада владее со конфликти и не оддалечува од ЕУ само со една цел, а тоа е одбрана на криминалот и одбрана на политичките кариери и привилегиите коишто безмилосно ги уживаат функционерите на власт. Не се грижат ниту за државата, ниту за народот, ниту за приближување на државата во ЕУ. Неуспехот на ова поле е разочарување и ги влече сите процеси назад, прочита, меѓудругото, Николоски. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ искажа уверување дека очекува недовербата на Владата да биде изгласа со 61 и повеќе пратеници, и покрај ставот на пратеникот Скендер Реџепи од АА. Тој рече дека тие се во преговори за поддршка со уште неколку други пратеници. -Доколку во моментов треба да се гласа доверба на Владата очекувам да има 61 плус односно во тек се интензивни преговори и со уште неколку пратеници во македонското Собрание и очекувам дека иницијативата за недоверба на Владата ќе ја потпишат повеќе од 61 пратеник, рече Николоски. Коментирајќи ја изјавата на пратеникот Реџепи од Алијанса на Албанците, тој рече дека била јасна и оти не треба да се вади од контекст, а тоа е дека тој ќе поддржи недоверба на Влада. -Ние високо ја цениме работата на пратеникот Скендер Реџепи. Сметаме дека се работи за чесен човек, за наш пријател, човек со кој што соработуваме. Мислам дека неговата изјава беше јасна и не треба да се вади од контекст, а тоа е дека тој ќе поддржи недоверба на Владата, односно нема да продолжи да функционира Владата СДСМ-ДУИ, изјави Николоски. Во однос на формирање нова Влада или евентуални нови брзи избори, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека тоа е нешто што ќе се разговара после четврток. -Треба да седнеме со нашите партнери и да видиме кои се нашите програмски определби на сите што сакаат да се формира политичка влада или за брзи избори, рече Николоски. Доколку можат да се вклопат политичките програми на партиите што можат да состават мнозинство од 61 пратеник секако дека може да се оди кон политичка влада, а, како што рече, доколку интересите на пратениците се брзи избори, ќе се оди кон избори. Сепак, тој нагласи дека тоа е чекор два и чекор три. -Чекавме осум дена по најавата премиерот Зоран Заев да поднесе оставка, рече Николоски. Објаснувајќи ја постапката по евентуално изгласување недоверба на Владата, Николовски рече дека потоа претседателот на Собранието Талат Џафери е должен веднаш да го извести претседателот на државата дека е изгласана недоверба со цел тој да го искористи уставно дадениот рок од десет дена за да додели мандат на тој што ќе прикаже 61 или повеќе потписи на пратеници. Според Николовски ставовите на ВМРО-ДПМНЕ за НАТО и за ЕУ се познати и јасни. фф/ев/    

Остани поврзан