• среда, 25 декември 2024

Николоски: Сериозно работиме на автопатиштата од Коридорот 8 и на автопатот кон Блаце

Николоски: Сериозно работиме на автопатиштата од Коридорот 8 и на автопатот кон Блаце

Скопје, 29 август 2024 (МИА) – Посветено се работи на реализација на патиштата од Коридорот 8 на потегот од источната до западната граница на земјава, а се работи и на автопатот кон Блаце, истакна денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

-Помеѓу Скопје и Куманово има готов автопат. Помеѓу Куманово преку Ранковце до Крива Паланка во моментов се гради експресен пат, што е некоја варијанта на автопат, и истиот ќе биде завршен до Нова година, а паралелно со тоа во истиот период ќе биде завршено и проширување на делот којшто оди кон граничниот премин со цел и на граничниот премин да нема застој. Очекувам сега и Бугарија да е одговорна и на нивната страна исто така да изгради автопат затоа што од границата добри 50-60 километри воопшто нема автопатско решение ниту експресен пат на нивна страна, рече Николоски во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата.

Сериозно работиме, додаде, и на решавање на проблемите на автопатот Охрид – Кичево којшто очекувам да биде завршен до крајот на 2026 година како што решивме иако се соочуваме со огромни проблеми. 

-Делот Кичево – Букојчани во соработка со ЕБОР очекувам до пролет да има изведувач и да почне да се работи, а Букојчани – Гостивар е дел од договорот познат во јавноста како договор со „Бехтел и Енка“ и на тој потег веќе интензивно се работи на експропријација и на проектирање. Очекувам првите километри да бидат изведени веќе следната година, така што работиме на целосно поврзување на едниот со другиот крај на државата и мислам дека тоа е јасна политичка порака колку ние внимание посветувам во овој Коридор, рече Николоски.

Се работи, додаде, и на автопатот Скопје – Блаце,  делница од 14 километри. 

-Првите два километри со во финална фаза и мислам дека  е реално во следните два месеци да бидат ставени во употреба. Во однос на останатите 12 километри или можеби со репроектирање ќе дојдат и повеќе затоа што поентата е и таму да има изводлив пат во делот на проектирање имаме една слична ситуација како со пругата кон Бугарија. Овие 12 километри не се движат по постојната траса на магистралниот пат којшто води од Скопје до границата Косово. Претходното раководство на ЈПДП на чело со Рустеми, одлучило да не одат по таа траса, да одат по нова траса која што е планинска траса од 12 километри од кои шест километри се тунели коишто се многу тешки за изведба и затоа може да ни се случи истото како кон пругата со Бугарија, рече Николоски.

Автопатот, како што посочи, во моментов има проценетата вредност од 240 милиони евра што е 20 милиони евра по километар слично како со пругата. 

-Покрај тоа, прашање е дали воопшто може инженерски да се изведе затоа што едно е да цртате патишта во канцеларија, второ е да ги изведете на терен. И затоа со ЈПДП во моментов правиме ревизија да видиме дали е изводлив проектот и доколку е изводлив во ред, а доколку не е да видиме што е изводливо и зошто не би ја користеле постојната траса, појасни Николоски.

Истакна дека преку ЕБОР има обезбедено средства за оваа автопатска делница, но тие се недоволни заради новото проектирање кое не оди по магистралниот пат. 

-Очекувам во следните месец до месец и половина да излеземе со решенија заедно со ЈПДП кое ќе значи финансирање на проектот и негова изводливост за што благовремено ќе ве информираме, порача Николоски. вј/аа/

Фото: МИА архива

Остани поврзан