• среда, 25 декември 2024

Николовски: СДСМ се спротивставува на партизација на Советот за граѓански надзор на комуникациите

Николовски: СДСМ се спротивставува на партизација на Советот за граѓански надзор на комуникациите

Скопје, 28 ноември 2024 (МИА) - СДСМ најостро ја осудува и се спротивставува на скандалозната партизација на Советот за граѓански надзор на комуникациите што го прави ВМРО - ДПМНЕ, изјави на денешната прес-конференција, Љупчо Николовски, пратеник на СДСМ.

Ова тело, појасни, ја контролира работата на институциите кои ги следат комуникациите, прислушувањата и постапува во претставки доколку некој е прислушуван.

- Значи е од витално значење за граѓанскиот надзор врз следењето на комуникациите, човековите права, слободи и демократијата во земјата. И наместо да биде составено од компетентни и непартиски експерти, ДПМНЕ го претвора во инструмент на партиска контрола комуникации и прислушувањето, рече Николовски.

Според него, предложениот претседател и дел од членовите се долгогодишни партиски активисти на ВМРО - ДПМНЕ, со што, како што рече, целосно ја урива довербата во ова тело кое треба да е независно.

- Илче Димовски, претседател на УМС Битола, секретар на Општинскиот комитет на ДПМНЕ во Битола. Сега ДПМНЕ во предлага како кандидат од НВО, скандалозно. Мирче Стојков, поранешен претседател на Општинскиот комитет на ДПМНЕ во Кочани и актуелен советник во советот од ДПМНЕ. Исто така Никола Затуровски – организациски секретар на ДПМНЕ. Ова се партиските кадри кои ДПМНЕ сака да ги протне и ова е силен удар за демократијата и човековите права, изјави на прес-конференцијата Николовски.

Бараме, потенцира тој, власта да се повлече и итно да врати процедурата во рамките на законските норми и стандарди.

Најави дека СДСМ остро ќе се спротистави и нема да дозволи, како што рече, оваа партизација да помине. Николовски посочи дека ќе ја информираат целата меѓународна заедница, амбасадите и релевантните меѓународни институции. 

- Доколку ДПМНЕ остане глува на овие предупредување ќе преземе и порадикални мерки. Нема да дозволиме враќање на мрачното минато каде граѓаните беа прислушувани, следени, заплашувани, нема да дозволиме партијата ма власт да им го киднапира приватниот живот и да го злоупотреби, рече на прес-конференцијата Љупчо Николовски, пратеник на СДСМ. цр/ац/

Фото: СДСМ

Остани поврзан