• четврток, 26 декември 2024

Николовски: Потврдуваме дека нема заштитени и недопирливи

Николовски: Потврдуваме дека нема заштитени и недопирливи
Скопје, 29 април 2021 (МИА) - Тоа што денеска зборуваме за случаи за обвинети актуелни функционери потврдува дека нема заштитени, нема недопирливи, изјави вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски во вечерашното гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ21, зборувајќи за случајот со Драги Рашковски. Институциите, нагласи Николовски, во секој случај треба да постапуваат, да бараат, да покренуваат постапки и да имаме соодветни судски постапки во кои што ќе се докажува дали некој е виновен или не. - Ова беше незамисливо во претходниот период, кога немавме ниту една постапка за актуелните функционери од ВМРО-ДПМНЕ, а во бомбите после тоа слушавме дека нема некој што не е инволвиран во местење на тендери, во земање на пари на граѓаните, во разни незаконски дејствија за кои што прават се денес за да нема одговорност, рече Николовски. Ние, посочи, правиме се ова општество да го направиме и праведно и правично, да нема недопирливи и секој да одговара за своите постапки, а партиската книшка не значи дека сте заштитени. Со законот за потекло на имот, рече дека ќе се оневозможи да се крие богатството, да се изнесуваат пари, да се богатат сегашни, поранешни или идни функционери, но и раководители и раководни службеници кои одлучуваат за правата на граѓаните. Предвидени се и механизми за враќање назад до десет години и за проверка на потекло на имот што ќе има широк опфат. аа/бак/

Остани поврзан