• вторник, 24 декември 2024

Николовски: „Отворен Балкан“ функционира, но со потешкотии, сите помошници директори во Царината имаат соодветни задачи

Николовски: „Отворен Балкан“ функционира, но со потешкотии, сите помошници директори во Царината имаат соодветни задачи

Скопје, 14 октомври 2024 (МИА) - Ако му кажеме на народот дека имаме 11 помошници директори, тоа за него ќе биде баук, ќе вика: „чекајте бе луѓе, 11 помошници директори“. Но, тоа се луѓе кои работат, кои држат сектори - за контрола и истраги, за финансии, за админисративно-технички работи, за информатичко усогласување на процедурите,... Секоја позиција кај нас е многу добро систематизирана со обврски и задачи. Ако погледнете, сосема ќе се согласите и веќе нема да поставувате вакви прашања, рече денеска директорот на Царинската управа Бобан Николовски во врска со именувањето уште еден дополнителен заменик директор. 

Одговорајќи на новинарски прашања по презентацијата на сработеното во првите 100 дена, Николовски рече дека „Отворен Балкан“ функционира, но со потешкотии. Иако фактички поплаки нема, транспортерите и стопанствениците се во право дека системот мора да се подобри, напомена Николовски и најави средби со претставници од сите земји на „Отворен Балкан“ за да се направат технички манипулации кои би ги убрзале постапките.

-Фактички поплаки дека „Отворен Балкан“ не функционира немаме. Системот функционира, меѓутоа, да, со потешкотии. Планираме средби со сите земји од проектот во најбрз можен рок. Овие 100 дена ги потрошивме не залудно, ги гледавте резултатите, меѓутоа работевме на стегнување на капацитетите на Царинската управа и на покачување на сите резултати кои Царинската управа е должна да ги даде кон државата, а тоа се откривачките функции, контролата и финансиските контроли. Тоа е поентата. Во наредниот период ќе се отвориме многу повеќе кон контакти со земјите што се околу нас, со царинските служби околу нас и ќе почнеме да ги решаваме и тие проблеми, истакна Николовски.

Според директорот, Царината ќе биде „ударна игла“ во борбата против корупцијата и криминалот. За работата на претходното раководство, Николовски не потврди дали се идентификувани неправилности.

-Царинската управа ќе биде ударна игла во борба против корупцијата и криминалот и за тоа можам уште сега да ви кажам да немате никакво сомневање. Апсолутно ќе бидеме ударна игла. Втора работа што сакам да потенцирам пред граѓаните на Република Македонија е дека треба да имаат само малку трпение. Трета работа дека преку ноќ не бидува ништо. Четврта работа дека за сето она што сме го детектирале работиме и толку можам да ви кажам, а за сето она што ќе го детектираме сметајте дека ќе бидат спроведени постапки согласно со нашите законски овластувања. За се она што сме го детектирале, работиме и толку можеме да ви пренесеме затоа што такви се процедурите и наши и во другите државни институции, да не можеме да отвориме се предвреме, рече Николовски.

Во однос на именувањето уште еден дополнителен заменик директор, одговори дека секој царински службеник има своја задача во Управата.

-И секој помошник директор и секој советник има своја задача, така што и секој заменик директор ќе има своја задача во Царинската управа. Да не сме сметале дека нема потреба, не би дошло до овој процес. Но, верувајте дека и вториот заменик директор ќе биде максимално искористен со своите должности што ќе му ги дадам како директор. Секое ново вработување во која било институција треба да е вистинско, вистински човек со мерит систем на вистинско место. Ако тој има придонес во институцијата нема потреба да го драматизираме или да го проблематизираме самото место, а вие ќе се уверите, ви ветувам дека и тој заменик-директор и секој нововработен ќе биде соодветно примен во Царинската управа и ќе ги завршува своите работни задачи онака како што треба, подвлече Николовски. мч/ев/

фото/видео: МИА

Остани поврзан