• сабота, 23 ноември 2024

Николовски: Од извоз на оризот остваривме девизен прилив од 7 милиони евра, земјоделците ќе добијат целосен надомест за „зелена нафта“

Николовски: Од извоз на оризот остваривме девизен прилив од 7 милиони евра, земјоделците ќе добијат целосен надомест за „зелена нафта“

Кочани, 9 април 2024 (МИА) – Извозот на македонски ориз станува важна ставка во остварувањето девизен прилив и од пласманот на минатогодишната реколта на пазарите во странство е остварена досега рекордна сума, нагласи министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски при денешната посета на оризовите полиња во општина Чешиново-Облешево.

- Со новиот модел за субвенционирање оризот стана стратешка земјоделска култура, одбрана за стопроцентна финансиска поддршка од државата. Навремено се исплатени дополнителните субвенции за оризот, а минатата недела беше реализирана исплатата во вредност од над 4,5 милиони евра кон 9.055 земјоделци. Со тоа навремено, односно пред време, со авансна исплата, е заокружена поддршката кон нив, во период кога ги подготвуваат нивите. Бележиме добра цена на оризовата арпа, за што сведоци сте дека достигна до 40 денари за килограм, но она што радува е рекордниот извоз постигнат оваа година кој достигна вредност од околу 7 милиони евра, што можеби е двојно повеќе од пред неколку години. Тоа значи дека се цени квалитетот на македонскиот ориз, но мора да се вреднува и трудот на производителите, истакна  Николовски.

Министерот за земјоделство, заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Никица Бачовски ја посети и компанијата за откуп, преработка и пласман на ориз „Еко зрно“ во селото Спанчево, при што нагласи дека освен за земјоделците, ќе продолжи и поддршката за правните субјекти за набавка на потребната опрема и механизација.

-Директната финансиска поддршка преку субвенциите за оризопроизводителите во изминатите шест години е зголемена за 300 проценти, обезбедена е помош за набавка на специјализирани комбајни за ориз, за што има голем интерес во целиот регион и постојано го добиваме прашањето кога ќе биде објавен следниот повик, како нова мерка од Програмата за рурален развој. Од оваа година производителите на ориз, како и сите други земјоделци, вклучувајќи ги за првпат и тутунопроизводителите, ќе добиваат стопроцентна поддршка за „зелена нафта“ за нивната механизација преку Платежната агенција, што е дополнителен буџет од 10 милиони евра, додаде Николовски.

Од подрачната единица за земјоделство во Кочани и од водостопанската подружница „Брегалница“ информираа дека подготовките за почнување на новата сеидба на оризот се скоро целосно завршени, а сезоната за наводнување официјално ќе почне за неколку дена. та/дма/

Фото/видео: МИА

Остани поврзан