• среда, 13 ноември 2024

Николовски: Нема стравувања околу годинашното производство на пченица, ниту ќе има драстично зголемен увоз

Николовски: Нема стравувања околу годинашното производство на пченица, ниту ќе има драстично зголемен увоз

Скопје, 1 август 2023 (МИА) - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска соопшти дека нема стравувања околу годинашното производство на пченица, ниту ќе има проблеми за драстично да се зголеми увозот.

Како што рече Николовски, одговорајќи на новинарски прашања, квалитетот на пченицата е незадоволителен, но тоа не е случај само во земјава, туку и во Србија, Грција и Бугарија, како и во поголемиот број држави кои не се увозно зависни како нас и кои имаат огромни површини со лебно жито. 

Според податоците пред жетвата, напомена министерот, бележиме зголемување на површините под пченица за осум проценти, а зголемување на површините има и кај јачменот.

-Минатата година го донесовме Националниот план и го стабилизиравме производството во време на воен конфликт. Нема да има проблеми во делот на драстично поголем увоз. Ние секоја година сме увозно зависни, а и секоја година ни недостасува квалитетна пченица. Климатските промени може да предизвикаат тој дополнителен дел од 60 000 - 70  000 тони, што секоја година го увезуваме, да го увеземе и сега. Но, ако лани сме имале производство од 250 000 тони пченица, оваа година се очекува поголемо производство. Сепак, донесовме и мерка за ускладиштување на пченицата и јачменот, тоа е интервентата мерка која овозможува во следните девет месеци земјоделците да ја складираат пченицата за што ќе добиваат 120 денари по тон за месец. Таа мерка никогаш не била применета на ваков начин и во волку долг период. Со тоа овозможуваме земјоделците да ја складираат пченицата, да добијат по 120 денари за тон, но и по три денари за откупен килограм. Воедно, ги полниме и складишните капацитети, објасни Николовски.

На прашањето колкав ќе биде приносот, тој потенцира дека во Министерството за земјоделство никогаш не се работи со „чаршиски“ бројки.

-Функционирањето во МЗШВ е преку потсекторски групи, а јас секогаш зборувам со факти и аргументи. Еднаш треба да научиме дека има закони и подзаконски акти, дека има регистри и начин како сето тоа функционира. Така е европски, а не да зборуваме паушално. Никогаш не сум кажувал паушални бројки, ниту денеска ќе кажам, зашто се потпирам на факти, бројки и податоци кои се добиваат преку подрачни единици, регистри и преку целиот систем во рамки на МЗШВ. Оттука, кога ќе ги имаме сите официјални бројки од откупот, ќе ги соопштиме. Мерките кои се однесуваат на откупот важат до 31 август, и за поддршка на јачменот и за поддршка на пченицата. Финалните бројки во однос на производството и откупот ќе ги знаеме кога земјоделците ќе аплицираат за финансиската поддршка која годинава ја зголемуваме, 12 000 денари дополнително за јачменот и три денари за секој откупен килограм пченица, подвлече Николовски. мч/лв/

фото: МИА архива

Остани поврзан