• четврток, 26 декември 2024

Николовски на работна средба со земјоделците и сточарите од Берово и беровско

Николовски на работна средба со земјоделците и сточарите од Берово и беровско

Берово, 8 февруари 2024 (МИА) - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство во техничката Влада, Љупчо Николовски денеска во Берово оствари повеќе средби со земјоделците и сточарите од беровско, на кои информираше за новите мерки за поддршка на земјоделците за 2024 година. 

Сточарите во текот на оваа недела, како што истакна министерот Николовски на своите сметки можат да ги очекуваат 30-те проценти авансна основна субвенција, со тоа што исплатата на дополнителните 70 од субенциите, како што додаде, се однесуваат на предадено производство во регистрирани преработувачки капацитети, млекарница или кланица. 

-Од страна на Платежната Агенција, веќе се прибираат податоците од каланичните капацитети и млекарници, со цел да се подготви и исплатата на дополнителните 70 отсто од субвецниите за 2023 година. По целосната обработка на овие податоци ќе следува исплатата на дополнителните субвецнии, во еден ден со едно решение кон сите сточари. Оваа исплата сточарите можат да ја очекуваат на почетокот од месец март оваа година. Што значи дека сите сточари до почетокот на март месец во целост ќе ги добијат своите субвенции за 2023 година. Дополнително крајот од 2024 година, сточарите како и другите земјоделци повторно ќе добијат авасни 30 отсто за субвенции за оваа тековна 2024 година, рече Николовски 

Сточарството, како што додаде, останува главен фокус оваа 2024 година. Во таа насока, посочи дека се креирани многу нови мерки за поддршка на сточарите, со што со право според него може да се каже дека оваа година е година на сточарството. 

Напомена дека од 4.000 денари на 12.000 денари е зголемена поддршката за женски грла говеда постари од 12 месеци, а допокнително се зголемува и поддршката за предадено јагне во регистриран кланичен капацитет од 400 денари на 1.000 денари.

Зголемената поддршка кај овие мерки, како што рече, има за цел да даде поголем мотив, сигурност и поддршка во работата на сточарите, но и на долг рок, да даде резултати во зголемување на домашниот сточен фонд, производството на млеко и месо.

-Ова зголемување следува откако во 2023 година, преку новиот систем за контрола предвиден со новиот модел за субвенционирање, ставивме ред, добивајќи ја реалната бројка на животни за кои се исплаќа финасиска поддршка.  Ја продолжуваме поддршката кон сточарите во набавка на високо педигриран добиток. Мерка важна за стоачрите, со која го обновувваме сточниот фонд. Вкупно 194 апликации пристигнаа на последниот повик за поддршка при набавка на педигриран добиток, кој заврши на 16 ноември 2023 година. Пристигнатите апликации веќе се обработуваат од страна на Платежната Агенција, а поддршката која ја даваме изнесува 10 милиони денари по корисник, што претставува кофинасирање од 50 до 75 проценти, нагласи Николовски 

Во меѓувреме, како што додаде министерот, креирана е нова мерка за поддршка во одржување на ливадите, во висина од 6.000 денари по хектар. Мерката, според него е по европски стандарди и има за цел да ги стави во функција површините со намена ливади и пасишта, за производство на храна за добитокот. Се работи за агроеколошка мерка, каде корисници се земјоделските стопанства, кои располагаат со ливади во своја сопственост или со договор за закуп и истите се користат за напасување или косење. Минималната површина со ливади која едно земјоделско стопанство треба да ја има е 1 хектар.

-Го помагаме сточарството зголемувајќи ја платата за овчарите, од досегашните 360.000 денари по овчар, на 620.000 денари, а дополнително се трга досегашниот критериум над 700 метри надморска висина. Ваквата мерка за сточарите ја обезбедуваме преку Програмата за рурален развој, помагајќи во трошоците за ангажирање на работна сила за чување и напасување на добитокот на пасишта или ливади, рече Николовски.

Сите овие мерки, како што подвлече тој, на крај е водење искрена грижа за секој земјоделец и секој еден сточар, се со цел креирање мерки според потребите на земјоделците, преку кои се постигнува одржливост и развој во македонското земјоделство. вс/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан